Меѓународниот ден на жената е за сè, само не за жени

Елитните феминисти не ни знаат што значи жена, а не па да се борат за женската слобода.

Пишува: Ела Вилан

Оваа година, славењето беше тивко, и тоа не затоа што светот е преокупиран со војната во срцето на Европа. Уште една причина е што ние забораваме што треба да значи Денот на жената - имено, женската слобода. Се разбира, ова завчера беше за сè, само не за прашањата што директно произлегуваат од животите на жените.

Темата што ја избраа од ОН, на пример, е „родова еднаквост денес, за одржливо утре“. Така е, ОН навистина мислат дека климатските проблеми се родово прашање. Како што го срочи тоа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерес,

„ни требаат повеќе жени министри за екологија, бизнис-водачи и претседатели и премиери да ги тераат државите да обрнат внимание на климатската криза, да развиваат еколошки работни места и да градат поправеден и поодржлив свет.“

Како меѓународниот ден на жената да не е за женските животи.

Тоа што се фокусираат на неженски прашања е чудно, со оглед на горливите проблеми со кои жените денес се соочуваат. На пример, во Велика Британија има остра дебата за женската безбедност, разгорена од ужасното убиство на Сара Еверард минатиот март. Ова отвори национална дискусија за тоа каква закана претставуваат мажите за жените секојдневно. Ја разоткри културата на страв во срцето на современиот феминизам. Меѓународниот ден на жената можеше да се фокусира на овој проблем. Можеше да се слави во борба за слободата на жените да живеат слободно и лесно исто како мажите - без надзор, полициска придружба или закони што ги штитат.

А што правиме со обидите на социјално-конзервативните влади и политичари ширум светот, што сакаат да ја ограничат женската телесна автономија? И тоа е кауза за овој празник. Сепак, пристапот до абортус во САД сега виси на конец. Постојат парламентарни обиди да се ограничи можноста на жените да имаат избор околу бременоста во случај на Даунов синдром. И на тоа можеше да се посвети празникот.

Наместо тоа, излегува дека 8 март годинава не беше за ништо посебно. Твитер е полн со слики, новинарите исфрлаат статии што слават некакви непознати пионерки, а директор(к)и објавуваат попувачки пораки за тоа колку би бил поубав светот со повеќе жени на одговорни позиции. Празен спектакл.

Ама, што можеме да очекуваме? Денес, благодарение на наметливоста на трансродовата идеологија, никој не може да се одлучи што е, а што не е жена, а не па кои се проблемите со кои жените се соочуваат. Како резулат на тоа, оставени сме со Меѓународен ден на жената што нема поента.

Можеби организаторите требаше да погледнат кон Украина за инспирација. Таму ќе видеа жени што се наоружуваат со молотови коктели и калашникови, застанати рамо до рамо со нивните браќа и пријатели, за да си ги заштитат граѓаните. Таму ќе видеа што навистина им е важно на жените - нивната слобода.

-Спајкд

9 март 2022 - 23:23