Кејт Бланшет не ја разбира опсесијата со етикети

Не како брендови. Како родови, сексуални, човечки определби.

Vulture вели, Кејт Бланшет може и чинија супа да одглуми ако сака. Сепак, свесна е дека е погрешно да прифаќа некои улоги, иако не разбира зошто.

„Не размислувам за мојот пол, или сексуалност,“ им одговори на Венити Фер кога ја прашаа за улогата на Лидија Тар, самоопишана u-haul лезбејка. „Додека јас се школував, беа Дејвид Боуви, Ени Ленокс - отсекогаш беше таков тип на родова флуидност.“

(U-haul lesbian е стереотип за лезбејски врски кога партнерките имаат тенденција многу брзо да почнат да живеат заедно, уште од втор дејт. Покажува екстремна посветеност на сериозни врски и во зависност од контекстот може да биде хумористичен, може да е комплимент, или пејоративен термин.)

Иако не ја разбира опседнатоста со етикетирање, сепак ги зема предвид.

„Морам внимателно да слушам кога луѓето имаат проблем со тоа.“ Ова, во однос на Тар и на уште една улога во Керол. „Едноставно не го разбирам јазикот на кој зборуваат, а морам, затоа што не смее да се отфрла опсесијата со тие етикети - зад таа опсесија има нешто важно.“

„Ако Керол се снимаше денес, со тоа што јас не сум геј - дали ќе добиев дозвола од јавноста да ја одиграм таа улога?“

На прашањето дали мисли дека треба да ја ангажираат во филм за лезбејска романса, доколку се снима денес, едноставно - не го знае одговорот. Наместо тоа, дава пример за опсесијата со случајот на Скарлет Јохансон, кога играше Јапонка во филмската адаптација на Ghost in the Shell и напушти проект каде што требаше да глуми трансродов маж (овде), откако се налути јавноста.

„Да го водевме овој разговор пред 25 години, ќе излезеше во весник и толку,“ вели Бланшет. „Сега некако овие мислења излегуваат во медиуми и Скарлет не може да игра улога за која можеби била единствената личност. Не сакам никого да навредам. Не сакам да зборувам во ничие име.“

15 февруари 2023 - 10:54