Се разбира, ако не сте го гледале Love Actually, а сакате да го гледате, идат спојлери.
А ако сте го гледале, тогаш многу е можно да ви е засекогаш врежана сцената кога ликот на Ема Томпсон стои покрај совршено наместен кревет од брачна спална, слуша Џони Мичел и плаче. Притоа, се труди да е тоа што е можно пократко и поприбрано, затоа што една минута подоцна мора да ги носи децата на претстава. А тоа ЦД од Џони Мичел е доказ дека нејзиниот симпатичен, мирољубив сопруг (Алан Рикман) извршил прељуба.
Ема Томпсон е неприкосновено фантастична, секогаш, па и овде. И умешноста да се изигра жена која има 5 минути да се исплаче, да се прибере, да ги собере децата и притоа да размисли дали вреди да го растури бракот се должи на искуство позајмено од животот.
„Сцената каде што мојот лик седи покрај креветот и плаче е толку добро позната затоа што се работи за нешто што сите го поминале,” рече Томпсон пред публика за време на еден настан во Лондон. „Кен ми го скрши срцето многу лошо,” додава, зборувајќи за крајот на нејзиниот шестгодишен брак со Кенет Брана во 1995-та - кој наводно заврши затоа што актерот имал афера со Хелена Бонам Картер со која го снимаше „Франкенштајн”.
„Така што, знаев како е да најдеш ланче кое не е за тебе. Мислам, не беше баш така, но сите сме го поминале тоа.”
Томпсон за Сандеј Тајмс во 2013-та изјави дека воопшто не и се лути на Бонам Картер. „Не можеш да држиш лутина за таква работа. Нема поента. Немам енергија за тоа. Хелена и јас се смиривме пред години… таа е прекрасна жена.”
И овој незбеснат став, без драматични селења и гаѓања со кондури, делумно се пренесува кон крајот на Love Actually - филм чиишто слоеви одат многу длабоко, без разлика што важи за лесна романтична комедија.
Да се потсетиме колку е паметна и на некои недамнешни теми.