
Во 1917 година, американската влада ѝ го одзема највисокото воено признание - Медалот на честа. Таа одбива да го врати и го носи секој ден, закачен на нејзиното машко одело, сè до смртта во 1919 година. Им текнало да ѝ ја вратат честа дури половина век подоцна, затоа што историјата, на крај сепак ѝ ги признава заслугите.
Д-р Мери Едвардс Вокер е родена во 1832 година во Освего, Њујорк, во семејство на аболиционисти и реформатори што верувале дека девојчињата заслужуваат исто образование како момчињата - револуционерна идеја за тоа време. Татко ѝ ја научил механика и медицина, а мајка ѝ ја убедила дека корсетите се алатка за потчинување.
На петнаесет години Мери ги отфрлила корсетите и почнала да носи таканаречен „реформски фустан“ - пократка сукња со панталони. Ја исмејувале, но не се откажала. На дваесет и една се запишала на Медицинскиот колеџ во Сиракјуз, каде што ја малтретирале професори и колеги, но сепак дипломирала во 1855 година како една од првите докторки во земјата.
По неуспешен обид за приватна пракса и краток брак со колега, се појавува можност со почетокот на граѓанската војна. Кога се пријавила како хирург, од армијата ѝ одговориле дека жените можат да бидат само медицински сестри, но сепак отишла на фронтот - доброволно, без плата - и почнала да ги лекува повредените војници. Набргу станала позната по својата храброст и умешност, дури и меѓу офицерите што прво ја отфрлиле.
Во 1863 година конечно добила официјален ангажман како воен хирург - прва жена во таа улога во историјата на САД. Следната година, додека помагала во цивилна област под контрола на Конфедерацијата, била заробена и обвинета за шпионажа. Поминала четири месеци во озлогласениот затвор Касл Тандер во Ричмонд, каде што преживеала глад и болести пред да биде ослободена во размена на заробеници.
Во 1865 година, претседателот Ендру Џонсон ѝ го доделил Медалот на честа за нејзината „посветеност на болните и повредените“ и храброста при оган. Но, во 1917 година, Конгресот ја променил регулативата: медалот да може да се доделува само за херојство во директна борба. Во ревизијата биле поништени 911 награди, меѓу кои и нејзината.
Морале ли да бидат поништени и како постојат луѓе со така брилијантни и бескорисни идеи?
Д-р Вокер, тогаш 84-годишна, добила писмо со барање да го врати медалот. Таа одговорила со едноставно „не“. Го носела сè до својата смрт две години подоцна, прикачен на нејзиниот костум и ја погребале со него.
По нејзината смрт, Мери Вокер останала спорна фигура - феминистка, реформаторка и жена што отворено го прекршувала кодексот на облекување. Била апсена неколкупати за „имитирање маж“, но не се откажала од својата мисија: да покаже дека жените имаат право да живеат, мислат и работат слободно.
Дури во 1977 година, по иницијатива на нејзините потомци, претседателот Џими Картер официјално ѝ го „вратил“ признанието.