- Доналд Трамп страда од хронична болест на вените, која не е опасна и е вообичаена за луѓе постари од 70 години, објави Белата куќа.
- Фотографии на помодрената рака и потечените глуждови на Трамп поттикнаа бран шпекулации за состојбата на 79-годишниот претседател.
- Сеопфатен преглед, кој вклучувал и васкуларно тестирање, покажал дека отокот на глуждовите е последица на хронична венска инсуфициенција, која се јавува кога вените на нозете не успеваат да ја пумпаат крвта до срцето, па таа се собира во долните екстремитети. Не биле откриени траги од тромбоза или артериска болест. Како третман се препорачува носење компресивни чорапи.
- „Состојбата е бенигна и честа, особено кај луѓе над 70 години. Дополнителните тестирања не покажаа знаци на срцева слабост, бубрежна инсуфициенција или системска болест кај Трамп. Севкупно тој е во одлична здравствена состојба“, забележал лекарот на Белата куќа, Шон Барбабела.
- За вообичаени се оценети и модринките на рацете, кои се видливи на поздравувањето на Трамп со премиерот на Бахреин и со францускиот претседател Макрон во февруари. Тие веројатно се последица на често и цврсто ракување, во комбинација со редовното земање аспирин, како превентива против згрутчување на крвта и срцев удар.
- Од следните избори во Британија право на глас ќе имаат и тинејџерите со наполнети 16 години. Тоа ќе донесе околу 1,5 милион нови гласачи.
- Границата досега беше 18 години. Шкотска и Велс веќе ја спуштија на 16 години за регионалните избори.
- „Ако се доволно возрасни за да работат, да плаќаат данок и да служат војска, зошто да не можат да гласаат“, вели лабуристичкиот премиер Кир Стармер.
- „Како може да гласаат, ако немаат право да склучат брак, да одат во војна или да се кандидираат на избори“, возвраќаат ториевците, кои се против одлуката.
- Ќе се променат и други услови за гласање. За идентификација ќе може да послужи платежна картичка од која било британска банка. Ќе се заострат условите за донации за да се спречи мешање во изборите од странство. Сега секоја британска компанија може да донира во кампања, без оглед кога била основана, кои се сопствениците и од каде ѝ се парите.