Европските производители на автомобили годинава ги намалија инвестициите за 20%, токму во периодот кога возилата дефинирани со софтвер, вештачката интелигенција и автономно управување ја менуваат конкуренцијата на пазарот.
Начинот на кој се распределуваше капиталот во изминатите две децении сега ни се враќа како бумеранг. Кога производителите конечно почнаа повеќе да инвестираат во технологиите на иднината, ги распрснаа парите на премногу проекти, вели Гијом Дежан од Allianz Trade.
Проблемот е во тоа што кај електричните автомобили, голем дел од вредноста на возилото се префрли од класичниот мотор и механиката кон батеријата и софтверот. Кај возилата со погон со внатрешно согорување, моторот и шасијата сочинуваа приближно 35 до 45% од вредноста. Кај електричните автомобили, батеријата и софтверот заедно сочинуваат меѓу 50 и 60% од вредноста.
Продажбата на електрични автомобили во Европа оваа година бележи пораст од речиси 45%, а нивниот удел во регистрациите достигна приближно 22%.
Погрешната проценка на Европејците ја искористија кинеските брендови, кои сега учествуваат со околу 10% во вкупниот број на регистрации на автомобили во Европа, со 16% на пазарот на електрични возила на батерии и со 26% на пазарот на „плаг-ин“ хибриди.

Нивниот раст ќе биде видлив на Саемот за автомобили во Париз, кој почнува идната недела. Кинеските брендови ќе сочинуваат половина од излагачите, во споредба со 23% во 2024 година. Во Париз доаѓаат рекордни 20 кинески брендови - двојно повеќе отколку пред две години.
Германската автомобилска индустрија е особено тешко погодена. Од 2021 година, трите најголеми германски производители изгубија околу 10% од пазарниот удел во Европа и 7% во Кина. Додадената вредност по произведено возило во Европа во првата половина од оваа година опаднала за меѓу 30 и 45% во споредба со 2021 и 2022 година. Ако нивниот пазарен удел падне за уште 3% до 2030 година, се проценува дека ти би изгубиле уште околу три милијарди евра.
Решението, според економистите од Алијанц, не е затворање на пазарот ниту насилно враќање на производството на батерии во Европа. Строгите регулативи во ЕУ би можеле да ја зголемат цената на електричниот автомобил за околу 2.000 евра, односно за приближно 5%. Дури и во такво сценарио, домашното производство би можело да покрие само околу половина од побарувачката за батерии до 2035 година, додека азиските компании би продолжиле да контролираат повеќе од 70% од технологијата за батерии инсталирана во Европа.
Можно решение е склучување партнерства со азиски производители на батерии и чипови, заеднички набавки и истражување, како и намалување на бројот на платформи за електрични возила. Областите во кои Европа сè уште може да стекне предност се батериите со цврст електролит, рециклирањето, домашниот развој на чипови, инфраструктурата за ВИ, автономните камиони и логистиката.