- Од 12 октомври, системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ започнува со работа и на подрачјето на СВР Охрид односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
- Биле поставени 40 камери.
- Системот „Безбеден град“ во државата е во функција од 1 февруари годинава. Периодот на адаптација траеше два и пол месеци кога граѓаните беа известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, а системот беше тестиран и унапредуван.
- Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, во споредба со истиот период минатата година бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто, односно со 34 жртви помалку.
- Апелациониот суд во Скопје донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски - Боки 13 во предметот „Меѓународен сојуз“. Ослободен е од обвинението за измама и перење пари и преиначена е првостепената пресуда со која беше осуден на пет години затвор.
- Случајот беше отворен во 2020 година. Боки 13 беше обвинет дека измамил двајца бизнисмени за проект за изградба на домови за стари лица, а потоа дел од парите ги искористил за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.
- Во првичната постапка за случајот во 2022 година, Боки 13 беше осуден на 9 години затвор. Во 2024 година Апелациониот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење, по што лани му беше изречена казна од 5 години затвор.
- Јовановски беше осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“. Апелација му ја намали казната на пет години. Отслужи четири години во „Идризово“, но доби привремен прекин на издржувањето на казната поради влошување на здравствената состојба и беше пуштен на слобода.
- Брисел го предвидува јуни 2027 година како индикативен рок за потпишување на договор за пристапување на Црна Гора во Европската Унија, дознава „Јутарњи лист“
- Европската комисија утре ќе ги објави временските рамки и последните чекори за евроинтеграцискиот процес на Црна Гора.
- Според проценките во документот, Подгорица ќе ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на оваа година.
- До јуни би требало да биде изготвен договорот за пристапување, одобрен од сите 27 членки на ЕУ и од Црна Гора и преведен на црногорски и на сите официјални јазици на Унијата.
- ЕУ нагласува дека оваа рамка е индикативна и не го предодредува исходот или брзината на преговорите.
- Ова ќе биде последниот „извештај за напредок“ за Црна Гора. До нејзиното полноправно членство, Брисел ќе објавува „извештај за следење“. Во овој период, во случај на сериозно назадување од Подгорица, би можел да се активира механизмот за одложување на пристапувањето.