- Брисел го предвидува јуни 2027 година како индикативен рок за потпишување на договор за пристапување на Црна Гора во Европската Унија, дознава „Јутарњи лист“
- Европската комисија утре ќе ги објави временските рамки и последните чекори за евроинтеграцискиот процес на Црна Гора.
- Според проценките во документот, Подгорица ќе ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на оваа година.
- До јуни би требало да биде изготвен договорот за пристапување, одобрен од сите 27 членки на ЕУ и од Црна Гора и преведен на црногорски и на сите официјални јазици на Унијата.
- ЕУ нагласува дека оваа рамка е индикативна и не го предодредува исходот или брзината на преговорите.
- Ова ќе биде последниот „извештај за напредок“ за Црна Гора. До нејзиното полноправно членство, Брисел ќе објавува „извештај за следење“. Во овој период, во случај на сериозно назадување од Подгорица, би можел да се активира механизмот за одложување на пристапувањето.
- Околу 2.800 војници од 11 европски земји од 9 до 22 ноември ќе одржат заеднички вежби за евентуално распоредување во Украина кога ќе заврши војната.
- На вежбите „Коалицја“ во Полска учествуваат единици од Франција (дури 1.500), од Британија, Белгија, Естонија, Германија, Литванија, Холандија, Полска, Шпанија и Шведска. Турција ќе спроведе одвоени поморски симулации на чистење мини.
- Европа уште од лани планира да формира мултинационални сили кои би ја гарантирале безбедноста на Украина, но сè уште не се дефинирани мисијата и условите за ангажирање.
- Според планот, овие сили нема да дејствуваат под команда на НАТО, нема да бидат распоредени на границата со Русија и нема да имаат мандат за офанзивни дејства, но би го задржале правото да одговорат со оган ако бидат нападнати од Русија.
- Самото нивно присуство во Украина би требало да ја одврати Русија од напад додека Киев ги обновува сопствените капацитети за одбрана.
- Русија категорично се спротивставува војници од членки на НАТО да учествуваат во какви било мисии во Украина. Претседателот Путин предупреди дека во таков случај западните трупи ќе бидат легитимна цел за напади.