Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Ноќната мора на Малнар

Ноќна мора беше телевизиско шоу во комплетна изведба на Жељко Малнар, кое со најразличен распоред се емитуваше од 1992-ра до 2010-та. Концептот беше се појавува Малнар пред камера и почнува да зборува. Со тек на годините Малнар почна во шоуто да носи крајно шармантни ликови од неговото секојдневние (сите речиси без исклучок алкоси). Па така, низ шоуто се наредија Шева (кој почина во 2010-та), Јаран, Брацо, Цезар, Тарзан... Ова е дел од опусот на Малнар во Ноќна мора.

Ок, на дечково му текнува

Реклама на Пошта на Норвешка. Еден куп пакети и еден куп љубов. Поштари и не така многу.

Istanbul Rising

Два кратки документарци на Вајс, за немирите во Истанбул и Турција. Вовед во немирите и како понатаму се развиваа.

Куме, аман

Свадба во Пакистан. Напнати гости, напнати келнери, сите на дистанца и сите на низок старт. Или некој погрешно ги пребројал гостите или даваат некоја награда.

Програмата за вежбање по 7 минути на ден

Идејата за вежбање од само 7 минути ви ја претставивме пред некое време (научна, базирана на истражувања и резултати). Сега ви го претставуваме сајтот кој ќе ве следи додека ги правите вежбите. Само 7 минути се и готово.

Уметност на создавање на непотребното

Џузепе Коларусо е Италијанец со уникатен талент за креирање на крајно неупотребливи и бескорисни работи. Сето ова Џузепе го има доведено до ниво на уметност.

Фанови пред концерт

Тоа што важи дека по некое време газдите почнуваат да личат на сопствените кучиња, изгледа важи и за музичките ѕвезди и нивните фанови. Фотографот Џеjмс Молисон фотографира групи фанови пред да влезат на концерт на својот идол.

Хемингвеј и зошто пие

Во 1935-та, Хемингвеј одговара на еден текст од рускиот преведувач и критичар Иван Кашкин. Писмото го завршува со пост-скрипт во кој ја објаснува својата љубов кон алкохолот (нешто за што Кашкин му забележува).

Битката за мостот 6-ти октомври

Во петокот вечерта неколку часа траеше судирот меѓу противниците и симпатизерите на сменетиот египетски претседател Мухамед Морси. Во немирите низ Египет на оваа тема вечерта загинаа околу 30 лица. Ова се слики од мостот 6-ти октомври кој ги спојува двете страни на Каиро.

Инстаграм новинарот од Авганистан

За време на една акција во Авганистан маринецот Метју Калахан завршува со скршена нога. Додека е на рехабилитација тој почнува со изучување на фотографија, со намера да стане воен репортер за армијата. Го учи ова, зема апарат и почнува да ги раскажува приказните на своите соборци. По пат започнува и Инстаграм во кој пренесува дел од сториите.

За главите моторџиски

Не се за луѓето на големите мотори, не се за оние на брзите мотори, ама совршено ќе одговараат во комбинација со сите оние Веспи (и сл.) што одлично му легнуваат на расположението на градов. Кацигите (поточно цртањето) се дело на француското студио BMD, и сите се рачно уредувани.

Британска честитка за 4-ти јули

Ворен Елис е еден од најпознатите британски автори на стрипови, романи и телевизиска програма. Меѓу другото се занимава и со коментирање на општеството. Ова е неговата честитка за "колониите"

Упатство за државен удар

Дијаграм од книгата Coup d'Etat: A Practical Handbook од 1968-ма, за тоа како се менува власта со државен удар. Според планот ти требаат 3 тима кои во точно време ќе "нападнат" на клучни позиции (медиуми, телекомуникации, резиденција...). Другото оставаат на тебе.

Музика што ние само мислиме дека не е стара

По основа - не сте вие стари ама песниве наполнија 20 години, една музичка листа на тема 1993-та, од времето кога на музичките телевизии имаше музика.

Лето 2013.

DJ Earworm е дечко што редовно ги собира најважните нумери од светските топ листи и ги комбинира во еден микс. Овој пат, ред е на се што се случуваше изминативе 2-3 месеци.

А ова е вашиот тинејџер на "bath salts"

Станува збор за дрогата, не за оние што ги чувате во шишенце во бањата од кога ви ги поклониле за роденден и никогаш во живот не сте искористиле.

Девојката со џезот

2004-та во шоуто на Џон Рос гостува една 20-годишна девојка, која ги воодушевува сите со својата природна убавина, одлично искалена смисла за хумор и најмногу од сè музичкиот талент.

Ако ти се вежба нема лоша вежбална

Изгледа како сцена од Бонд, ама всушност е јавна вежбална во Киев која е отворена и бесплатна уште од времето на Советите пред 40 години и која функционира до ден денес.

"Опен сорс" мебел

Продолжувајќи ја својата идеја на слободно сè и сешто, Мозила Јапонија решава и дизајнот на новите канцеларии да биде "опен сорс." Ова во основа значи дека дизајнот за мебелот сосе сите мерки и нацрти им е достапен на сите, само некој треба да купи штици и да почне да штрафи/кова.

Што сè има во вашето кафе

Да речеме дека го пиете без шеќер и млеко, тогаш 98% од вашата чаша е полна со вода. Останатите 2% е она каде што е магијата и добар дел од некои од најотровните состојки на светот.

Посмртниот говор на Дејвид Чејс на погребот на Џејмс Гандолфини

Драг Џими,
Твоето семејство побара од мене да зборувам на твојата служба, и многу сум почестен и трогнат. Исто така сум и многу уплашен, и ова го кажувам затоа што ти од сите луѓе би ме разбрал. Би сакал да избегам и да се јавам за четири дена од сега од некој козметички салон. Сакам оваа работа добро да ја завршам, бидејќи те сакам, и бидејќи ти секогаш добро ја вршеше твојата работа.

Слобода на ќотек на медиумите

По сите правила не е убаво да удавиш новинар во река, ама... некогаш има некои што ако им дозволиш буквално на глава ќе ти се качат. Секоја чест за дечкото (не новинар) што истрпи сè во име на информирање на јавноста.

Големиот визуелен ефект

Пред и потоа на Големиот Гетсби. Светот во сино и зелено, наспроти светот во визуелни ефекти. Компјутерска магија за почит.