Посмртниот говор на Дејвид Чејс на погребот на Џејмс Гандолфини

Драг Џими,
Твоето семејство побара од мене да зборувам на твојата служба, и многу сум почестен и трогнат. Исто така сум и многу уплашен, и ова го кажувам затоа што ти од сите луѓе би ме разбрал. Би сакал да избегам и да се јавам за четири дена од сега од некој козметички салон. Сакам оваа работа добро да ја завршам, бидејќи те сакам, и бидејќи ти секогаш добро ја вршеше твојата работа.

Мислам дека мене задачата ми е да зборувам за делот од твојот живот како актер/уметник. Другите ќе зборуваат убаво и величествено за другите убави и величествени делови од тебе: татко, брат, пријател. Претпоставувам дека ќе треба да зборувам и во името на твоите колеги кои ги сакаше, на екипата која ја сакаше, на луѓето од ХБО и Џурнеј. Се надевам дека можам денес да зборувам за сите нив и за тебе.

Се распрашав наоколу, и експертите ми рекоа да почнам со шега или забавна анегдота. "Ха, ха, ха." Ама како што и ти сам често пати кажуваше, не го чувствувам тоа. Премногу сум тажен и полн со очај. Ти пишувам на тебе делумно затоа што би сакал да го имам твојот совет. Бидејќи се сеќавам како ти ги правеше говорите. Те видов како држиш многу говори на најразлични награди и слично, и речиси секогаш ќе нашкрабаше две или три мисли на парче хартија и ќе го ставеше во џеб, и потоа немаше да го погледнеш. Последователно, голем број од твоите говори немаа смисла. Мислам дека и тука може да се случи истото, освен што во твојот случај не правеше разлика што немаа смисла, бидејќи чувствата беа вистински. Чувствата беа вистински. Чувствата беа вистински. Не можам ова да го кажам доволен број на пати.

Се обидов да напишам традиционален говор, ама излезе како лоша телевизија. Па ти го пишувам ова писмо и сега го читам писмото пред тебе. Ама ова го правам пред и за публика, па ќе се обидам да почнам со смешниот вовед. Се надевам дека ќе биде смешен, бидејќи на мене ми е и на тебе ти е.

Еден ден пред крајот на шоуто - може беше 4-та сезона или 5-та - снимаме сцена со Стив Ван Занд, и мислам дека приказната беше дека Тони добил информација за нечија смрт, и беше вознемирен. И во сценариото пишуваше: "Тони ја отвора вратата од фрижидерот, ја затвора и почнува да зборува." Како што камерите почнаа да снимаат, ти ја отвори вратата од фрижидерот и потоа ја тресна навистина силно - ја тресна доволно силно што таа повторно се отвори. И ти пак ја тресна, а таа пак се отвори. Продолжи да ја трескаш и трескаш и трескаш и трескаш и целосно му се истури на фрижидерот.

Забавниот дел за мене е што се сеќавам Стив Ван Занд - бидејќи камерите снимаа, моравме да ја тераме целата сцена со отворањето на вратата на фрижидерот - се сеќавам како Стив Ван Занд седеше со подзината уста, обидувајќи се да ја сфати ситуацијата: "Што треба да направам? Прво како Силвио, бидејќи ми го уништи фрижидерот. А исто така и како Стив актерот, бидејќи сега ќе ја снимаме сцената со отворена врата од фрижидерот; луѓе не го прават тоа." И се сеќавам како отиде таму и се обиде да ја поправи вратат, ама не му успеа. Па моравме да го прекинеме снимањето и да ја поправиме вратата од фрижидерот, и никогаш не ни успеа бидејќи лепливата лента се познаваше на фрижидерот и цел ден ова беше проблем. Се сеќавам како рече: "Ах, оваа улога, оваа улога, местата на кои ме носи, и работите што морам да ги направам... премногу е мрачна." И се сеќавам дека ти реков: "Дали ти кажав да го уништиш фрижидерот? Дали некаде во сценариото има 'Тони го уништува фрижидерот?' Пишува 'Тони гневно ја затвора од фрижидерот.' Тоа пишува. Ти го уништи фрижидерот."

Друга работа на која се сеќавам беше уште од почетоците - може да беше и од снимањето на пилот емисијата. Снимаме сред навистина топлото и влажно лето во Њу Џерси. Погледнав и те видов како седиш на алуминиумска клупа, со твоите пантолони завиткани до колена, во црни чорапи и црни кондури, и мокра марамица на главата. И се сеќавам дека додека те гледав си помислив "Добро, ова баш и не е кул изглед." Меѓутоа бев полн со љубов, и знаев дека тогаш сум на право место. Реков: "Ова го немам видено некој да го направи уште од времето кога татко ми го правеше, и моите италијански чичковци го правеа, и мојот италијански дедо го правеше ова." И сите тие беа работници под жешкото сонце во Њу Џерси. Тие беа ѕидари, а татко ти работеше со бетон. Не знам што е работата со Италијанците и цементот. Бев толку горд на нашето наследство, ме направи толку горд на нашето наследство кога те видов како го правиш тоа.

Претходно кога реков дека си ми брат, ова имаше многу врска со тоа: Американец со италијанско потекло, италијански работник, градежник, таа некоја Њу Џерси работа - што и да значи тоа - истата социјална класа. Навистина чувствувам дека, иако сум постар од тебе, и секогаш сум чувствувал, дека сме браќа. И сето тоа беше базирано на тој ден. Бев преполн со многу љубов за се што правиме и за што се подготвувавме.

Исто така чувствувам дека си ми брат и по тоа што имавме различни вкусови, но имаше и работи што и двајцата ги сакавме, а тоа беа семејството, работата, луѓето со сите нивни недостатоци, храната, алкохолот, зборувањето, бесот и желбата да се сруши целата структура. Се забавуваме еден со друг.

Сликата на моите чичковци и татко ми, ме потсети на нешто што еднаш се случи меѓу нас. Бидејќи тие беа такви мажи - татко ти и овие мажи од Италија. А ти минуваше криза околу себеси и глумењето, околу многу работи, и беше многу вознемирен. Отидов да се видам со тебе на брегот на Хадсон, и ти ми рече: "Знаеш што сакам да бидам? Сакам да бидам маж. Тоа е се'. Сакам да бидам маж." Сега, ова беше толку чудно, бидејќи ти веќе беше толкав маж. Ти беше маж на многу начини на кои многу мажи, вклучувајќи ме и мене, би сакале да можат да бидат маж.

Парадоксот околу тебе како маж е што јас секогаш лично чувствував, дека со тебе, јас гледав младо момче. Момче кое е некаде колку што е Мајкл сега. Бидејќи ти беше многу дете. И отприлика на возраст кога човештвото, и животот на планетава почнуваат вистински да се отвораат и да приредуваат шоу, откривајќи се себеси во нивната убава и страотна слава. И те видов како момче, како тажно момче, воодушевено и збунето и заљубено и возбудено од сето тоа. И сето тоа беше во твоите очи. И затоа, јас мислам, ти беше добар актер: заради детето кое беше во тебе. Тоа беше дете што реагира. Секако ти беше интелигентен, меѓутоа тоа беше дете што реагира, и често пати твоите реакции беа детски. А со ова мислам претшколски, пред учење на манирите, пред (оформување на) интелектот. Тие беа едноставни емоции, јасни и чисти. И мислам дека твојот талент е што можеш да впиеш толку од човештвото и универзумот, и да не осветлиш нас останатите како големо јасно светло. И верувам дека само чиста душа, како дете, може навистина добро да го направи тоа. И ти беше тоа.

Сега да збориме за третиот човек меѓу нас, бевме јас, ти и овој третиот. Луѓето секогаш велеа: "Тони Сопрано. Зошто толку многу го сакавме кога беше таков скот?" И мојата теорија е дека тие го видоа малото дете. Тие го почувствуваа и го сакаа малото дете, и ја почувствуваа неговата љубов и болка. И ти го донесе сето тоа. Ти беше добро момче. Твојата работа со Ранетите воини беше само еден пример за ова. И ќе кажам нешто бидејќи знам дека сакаш ова јавно да го кажам: дека никој не треба да ги заборави напорите на Тони Сирико со тебе во сето ова. Тој беше таму цело време, а и ти неодамна ми кажа: "Повеќе е до Тони отколку до мене." И ти знаеш, и јас знам дека би сакал него да го ставам во центарот на вниманието, инаку ти не би бил задоволен. Па, еве го направив тоа.

Луѓето велат Тони Сопрано никогаш не се промени. Тој стана помрачен. Не сфаќам како можеа тоа да не го разберат. Тој се обиде и се обиде и се обиде. И ти се обидуваше и се обидуваше, повеќе од најголемиот дел од нас, и посилно од најголемиот дел од нас, и понекогаш се обидуваше премногу силно. Тоа со фрижидерот е само еден пример. Некогаш твоите напори беа на штета на тебе и другите, но ти се обидуваше. А си помислувам на фактот колку беше добар со непознати луѓе на улица, со фанови, со фотографи. Ти беше трпелив, драг и персонален, и тогаш ќе направеше премногу (за другите), и на крај експлодираше. И секако тоа е она за што сите читаа, за експлодирањето.

Побараа од мене да зборувам за делот со работата, и затоа ќе зборувам за шоуто кое го правевме и како го правевме. Знаеш, секој знае дека секогаш епизодите ги завршувавме со песна. Тоа некако беше како јас и писателите да ги оставаме вистинските гении да ја завршат тешката работа: Брус и Мик и Кит и Howling Wolf и еден куп други. Па ако ова беше епизода, и таа ќе завршеше со песна. А песната, што се однесува до мене, ќе беше "(What If God Was) One Of Us?" од Џоан Осборн. А сетапот за ова е - никогаш не сме го правеле ова и никогаш не си го чул ова - Тони некако се губи во мочуриштата (на Њу Џерси). Без својот автомобил, и својот новчаник, и своите клучеви од автомобилот. Заборавам како стигнал таму, ама тој нема ништо во својот џеб освен неколку ситни парички. Ги нема своите момци со себе, го нема својот пиштол. И така мафијашкиот бос Тони Сопрано мора да биде еден од работничката класа, кој чека во ред да се качи на автобус. А ќе го снимавме така што тој кога ќе се качеше во автобусот, текстот што ќе го пратеше ќе беше - и ја немаме Џоан Осборн да ни пее:

If God had a face
what would it look like?
And would you want to see
if seeing meant you had to believe?
And yeah, yeah, God is great.
Yeah, yeah, God is good.
Yeah, yeah, yeah.

Значи Тони ќе беше качен во автобус, и ќе седеше таму, а автобусот заминува со огромен облак од чад од дизел. И потоа доаѓа клучната строфа:

What if God was one of us?
Just a slob like one of us?
Just a stranger on the bus
trying to make his way home.

И текстот ќе одеше преку твоето лице Џими. Ама тогаш - и тука работите стануваат чудни - јас би требало да дополнам, заради случувањата од минатата недела. И ќе ја оставев песната и понатаму да пее, а текстот ќе беше:

Just trying to make his way home
Like a holy rollin' stone
Back up to Heaven all alone
Nobody callin' on the phone
'Cept for the Pope, maybe, in Rome.

Со љубов,
Дејвид

 

29 јуни 2013 - 18:34