Off Topic

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Шерп сред американско блато

Шерп е една руска чудесија од возило која генерално може секаде да пројде и е жив мерак и крајно забавно ако сакаш да возиш офроуд. Американец купува Шерп и решава да го проба сред некаков натпревар на „монстер-тракс“ во минување низ вештачки создадено блато. Ќе го забележите кое од возилата е Шерп.

Библиотека на денот

На страна регуларната работа што ја тера, Библиотека Куманово на интернет почна да објавува комплетни скенирани броеви од „Наш весник“. Името речиси сигурно не ви е познато претежно затоа што тоа е весник кој излегува исклучиво во Куманово и околијата, и тоа во децениите по Втората светска. Без разлика што не ви е познат, до сега скенираните и дигитализирани броеви од весникот се спектакуларно занимиливи како од содржински, така и од графички и дизајнерски аспект, и како времеплов во секојдневие и проблеми од пред неколку децении.

100 години гужва

До 2100 година она што денес ни служи како стандарден систем на вредности по кој се подаваме секогаш кога зборуваме за гужва на население (Токио, Шангај, Њујорк) ќе биде комплетно невалиден, и заменет со крајно, од денешна гледна точка, неочекувани кандидати.

Горилаз на дугметара

Ако има поука од видеово тоа е дека тоа „хармоникашката фаца“ сама ќе ти се појави кога ќе ја фатиш дугметарата без разлика дали си ја свирел Feel good inc. или Влајна.

Стрипови со пресврт

Опсегот на стриповиве се движи од цинични до апсурдни и мрачни, дело се на Рајан Хадсон кој ги црта веќе една деценија, и ако има нешто што е приближно налик нив тоа би бил Саут парк.

Зошто летово е толку топло кај луѓе што не се научени да им е топло

Пејзажот во Британија летово доби сосема нов изглед на сателитските снимки, во Шведска има пожари како никогаш до сега, руски градови во околина на Арктичкиот круг постигнуваат рекордни температури, а Јапонија се топи. Човеков пробува да го одговори прашањето без да спомне глобално затоплување (барем не на прва).

Нееднаквоста од високо

Серија снимки на фотографот Џони Милер од високо, без луѓе, без лични приказни, само воздушни фотографии на нееднаквост низ светот. Колекција која успева да е тажна и без да ставиш каков било лик на нејзе.

Русофобијо, и на Американци си им тешка

„Тоа што го носиме НАТО до руските граници е закана за сечија национална безбедност,“ велат двајца американски професори и експерти за надворешна политика кои сметаат дека главната закана за САД е хистеричната русофобија која владее на тамошната јавна сцена. „Замислите Кина или Русија да направат свој воен блок и во него да ги зачленат Мексико и Канада, ќе го толерираме ли ние тоа?“ 

Американци, зборувајте ни малку за тоа

Пред некој ден во емисија се испокараа Вупи Голберг и Џанин Пиро, за левица- десница, Трамп - неТрамп. Џанин сумира на кое дереџе е дојдена американска јавност: озлобеност, политикантство во сè, брат брата одфрендува заради политика.  

Неколку трејлери од Комик кон 2018

Стандардно мегаломански, како да е трејлер за последниот филм што некогаш ќе го изгледаш, она по што годинешните трејлери од Комик кон се разликуваа од претходните е што немаше ништо Марвел во најава. Тоа не значи дека има дефицит на чудовишта и катаклизмичкни настани кои ја вребаат планетава и човештвото, плус зомбија и римејк на Космос на Саган.

„Опседнатата“ куќа на Џени Мекарти

Една од најпопуларните анти-ваксерки и самопрогласен „научен скептик“ (богати!), деновиве побрза да сподели видео доказ за своја средба со нешто натприродно. Снимка од нејзиниот дом на која во еден момент се слушаат пар тонови од пијано, иако крај нејзиното пијано нема никого.

За магијата зад трејлерите

Минатата година бројот на кинопубликата на светско ниво паѓа на трагично ниски нивоа, ама затоа публиката за трејлери е во постојан раст. Дури и индустријата за производство на трејлери има раст од 12 компании што прават трејлери во 2000, на над 100 компании денес. И како секој добар бизнис, и тука целата „магија“ е да им го погодиш рецептот, само што рецептот се менува од сезона во сезона.

Не ти е грд одморот, само не знаеш да правиш добри фотки

Во твоја одбрана човекот што ги прави фотографииве веќе е „наградуван за работа со природна светлина.“ Неговата главна поента е исто така прилично разочарувачка (за почетници): не е важно кај си, важно е колку се разбираш.

Што сè ваше не сте вие

На прва топка депресирачко видео за тоа колку од она што сме ние, всушност е на автопилот, иако се сметаме за свесни команданти на нашето јас. Истовремено, потсетување колку сме среќни што (можеме да) сме свесни за нашата несвесност. Од сите познати суштества, само нам ни е даден тој драјвер на тестирање. И тоа треба да се слави.

Кога ќе си видиш школски

Да е кај нас средба на двајца средношколски другари, тој во меѓувреме да се развил во криминалец а таа да завршила во суд, не сме најсигурни кој би се расплакал.

Најшармантниот шопинг во супермаркет (и готвење) што денес ќе го изгледате

Главен лик е Џеф Голдблум, и целата работа е составеа од една голема реклама за ланец супермаркети, ама со Џеф Голдблум, по што следува готвење со Брајс Хауард, девојката од Светот Јура што мислите дека е Џесика Честејн.

Хрвати низ Брисел

Некаде помеѓу најголемиот успех на хрватската репрезентација (победа во полуфиналето) и најголемиот успех на хрватската репрезентација (играње во финалето), хрватско семејство, со детуле во национален дрес, се пушта на проштека низ Брисел.

Наочарчиња како драмаминчиња

Велат на еден од тројца луѓе му е непријатно од сето она клацкање кога се патува. За наочариве тврдат дека го решава тој проблем настанат главно од конфузните информации кои за телото ги добива мозокот од видот и каналите на внатрешното уво. Ова се четири прозорчиња, без стакло, со прстени исполнети со течност кои го симулираат хоризонтот (за да се калибрира мозокот). Ќе изгледаме вонсериски глупо ама па и кога сме зелени у фаца пред повраќање не сме нешто порепрезентативни.

Батали англиски, ако е појадок нека е турски

Опсесијата што ја имаме со турска храна (минус овчетина) речиси да нема сегмент од секојдневието што не го покрива. И покрај тоа посебна ѕвезда, ем-ви-пи на лепезата вкусови е турскиот појадок (со многу тесна разлика). Содржински, количински и мерачки без рамен на себе, посебна категорија која ги прави сите други појадоци само инфериорен обид за утринско гнетење.

Што прави 11-годишен Нигериец?

Црта хипер-реалистични слики, и тоа ги црта како да не му е ни најмалку незгодно од талентот што го има на само 11 години. Па не само што црта, туку има и цели срцепарателни приказни околу делата.

Грди ви се форите

Трамп во Лондон меѓудругото беше дочекан и со балон „бебе Трамп“, кој освен што беше разочарување во однос на ветената големина и тоа како изгледа во реалност, како што ќе напише имамот Тавиди, и не зборува многу за луѓето што го „летаа“ балонот.

Саша Барон Коен се врати во Америка

И пак како герила комичар, и пак заинтересиран за американското секојдневие, само овој пат наместо еден Коен глуми серија карактери: од крајно-либералната Др. Нира Каин-Ен’Дегочело „цисџендер бел хетеросексуален маж, за што се извинува“, до Еран Морад набилдан израелски лудак по оружје кој сака да ја натера Америка да ги вооружи своите основци. Серијата е на Шоутајм и снимана е во изминатата година и нешто, има седум епизоди, а првата беше емитувана на 15-ти јули.

Колку време треба за да украдеш 27.000 долари во производи од продавница на Епл

Кражбата се случува во работно време, во продавница полна луѓе, без никакво оружје. Однесени се лаптопи и смартфони во вредност од 27.000 долари, кои ако во рок од 5 минути по кражбата не се комплетно блокирани, тогаш се оставени да работат само за полицијата да може да стигне до новите газди.

Некогаш се тркалаа Стоунси, денес се тркалаат лимони

Кога на Мике Сакасегева животот му дал лимон, наместо да си направи лимонада тој направил видео од тоа како лимонот се тркала покрај ивичник од тротоар. Класичен вирален импулс: почнуваш да го гледаш клипот од што не веруваш дека тој се сведува на нешто толку глупо а по некое време почнуваш да навиваш за лимонот и се прашуваш до каде ли ќе стигне. И така, видеоото од лимонот кој се тркала, во втората деценија од 21-от век,  за кратко време го одгледаa преку 2 милиона луѓе.