Off Topic

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Компресорска фризура

Ни чешлање, ни фенирање, ни бутур. Си се издува со еден потег и се среди.

Британски бог на криглите

Аматерите ќе кажат: во пиењето важно е да имаш мерка и однапред да ограничиш колку ќе испиеш. Како што ќе покаже Британецов оваа филозофија има еден сериозно голем пропуст.

Планета на крчкање

Видео приказ на температурните аномалиии во светот (нè има и нас) од 1880та година до денешни времиња. Почекајте да дојдат 90-тите, да видите како почна да се вари жабата.

Јака воспитна за Џон Оливер, со лева

Ако на здрав начин го сакате Оливер, на здрав начин ќе ве фасцинира и ова педантно рашрафување на неговата емисија за Венецуела. Што сокрил, што кажал погрешно, што извадил од контекст, што спинувал.... Колку само многу време, енергија, знаење и информации се вложуваат во обид да се дебатира со политички неистомисленик! Кај нас би било доволно да го прогласите за небањат или продаден. Гледајте на раат, многу се дознава и за Венецуела.

Дечкото кој ги прозва милијардерите од Давос

Млад историчар првпат се среќава со елитата од Давос па на еден панел им вика дека ситуацијата на тој самит му изгледа исто како на состанок на пожарникари да е забрането да се зборува за вода. Преведено на давоски терен: никој не зборува за вистинската тема: како милијардерите да не избегнуваат да плаќаат поштени даноци.

До последен милиметар

Од врвни човекови достигнувања издвојуваме - работи што се упасувани во милиметар. Веројатно меракот да ги гледаш е надминат само од меракот да направиш вакво совршенство.

Водич за измами на банкомат низ Европа (и посебно Прага)

Не е класичен грабеж ама сепак е грабеж, а целата измама е во курсот и надоместокот што го плаќаш за вадење пари од банкомат. Во видеото станува збор исклучиво за банкомати на Еуронет (жолти со сино лого) и ги има низ цела ЕУ, вклучително и низ градови од локалниов дел од ЕУ (Бугарија и Грција).

Макавеев и Рамбо

Двајцата мудреци и заебанти се возат со чамец по Дунав, го откриваат значењето на дигнатите три прста кај Србите, со свирка се отпоздравуваат со другите, рипаат по палуба, расположени, забавни, лабави. Пробавме да замислиме десетина комбинации на македонски музичар и режисер качени вака на чамец. Не оди.   

На никој жив денес не му е јасно зошто се запали Јан Палах

Да се запалеше денес во некој град од западната цивилизација, во најдобар случај ќе го прогласеа за лудак. Ако некому му е јасно што за таа генерација значела слбодата, тој е човек од минатото.

На рускиот Оушн не му требаат 11-мина

Во американски филмови, кражби од музеи секогаш се комплицирани, со многу памет, педантно планирање, софистицирана опрема. Погледнете како изгледа кражба во Третјаков, еден од врвните руски музеи. Дојдов, ставив под мишка, заминав. 

Пајдушко 2.0

Го научиле да игра оро и еве го, плете. Заради веродостојност, во следна фаза треба да поработат на тоа да му се потат рачињата.

Победа на денот

Приказната е дека девојката го варала па тој ѝ го испратил следново видео.

Можеби еднаш се живее ама вирално сто пати се умира

Како што звукот на клик-клак периодично се враќа на скопските улици, така виралните видеа си наоѓаат нови муштерии. Гледаме, деновиве по нет повторно се тркала едно видео во кое дете гине кога трик на неговиот поголем брат завршува лошо. И пак ц'цкање како и тогаш: абре деца, оти така, од играчка плачка, греота, не џабе старите викаат....

Долга е папучата на мама

Колку пати претходно ќерката пробувала да избега од дома кога мајка ѝ успеала до волку да се навежба?

Гордон Ремзи јаде лути крилца

Супер, супер забавна емисија. Се јадат крилца со различна лутина (на 120.000 сковили почнува зачестено „шит!“ и „факинг хел!“) и патем се коментираат новите фенси јадења, хејтерите, Ремзи ја открива мешавината на својата плескавица, си го мачка газот со лимон... Најголемата грешка ја прави на крај, кога оди да се измоча, со оние прсти со кои ги фаќаше лутите крилца. 

Ритамот е и во она празното

Легендарната Шила (од бандата на Принц) и легендарниот Кoпланд (од Полис) си кажуваат гачки за ритамот, особено фанк ритамот. „Го обликуваш воздухот меѓу ударите,“ вика Копланд. „Важно е да знаеш кога да не удриш“, вика Шила.

Писмото на Тито: Драги мои Југословени, сето ова си го заслуживте

Будали едни. Швабите и Французите сега ви увалуваат приказна за Европска Унија, а вие голтате сè што ќе ви кажат. Па имавте вие унија посилна од европската, со своја војска, полиција, банки, домашна храна, бесплатно лекување и школство. Сега ќе добиете нивни банки, нивна војска, нивна храна, а од домашно, ќе изедете само говно.

Како Мик Џегер нарача омот од Енди Ворхол

Писмото со кое Мик Џегер му потврдува на Енди Ворхол дека групата сака тој им го изработи дизајнот на омотот на нивниот албум Sticky Fingers. „Еве ти материјали кои можеш да ги користиш, кажи колку пари сакаш и ако сакаш да ме послушаш, не комплицирај“.

Човекот кој го пази човекот кој пази

Ако по ништо друго, американскиот фудбал е фасцинантен по тоа како во него е разработен секој детал. Ама баш секој детал.

МЛК: За ова ли се боревме?

Американската национална митологија денес го третира Мартин Лутер Кинг како дел од наративот за исклучителноста на американската нација. А неговата борба со капитализмот? А неговите барања за радикална промена на економскиот поредок? Професор од Принстон за тие замаглени делови од животниот ангажман на човекот кој не беше само „црн херој“.

Ставаат дрога во пијачките

Конечно најдовме видео доказ за тоа тврдење со кое родителите ги плашат своите деца од Драчево до Ѓорче. И навистина имате за што да се секирате, ако вашето дете стигне подалеку во животот. На пример, во бразилски затвор.

Кристина, наш чоек

Кристина Кузмиќ е Хрватка од Осијек која живее во САД и има еден од најпознатите блогови за родителски совети. Како на убава и популарна жена, во коментари и во пораки ѝ се става секаков џган и олош, главно од оние „јаките ебачи“. Бидејќи игногирањето не секогаш дава резултати, и бидејќи таквите џукели не го заслужуваат раатот на анонимноста, Кристина почнала да го прави она што и ние понекогаш го правиме: ги вади јавно, со слики, со имиња и презимиња. И сега, оние најдосадните почнуваат да ѝ звоцаат: ама приватност, ама немој така... Кристина, само така! 

Трибјут концерт за Крис Корнел

Во Форум во Инглвуд, ЛА, деновиве се собра жестока екипа за да му оддадат слава и пар почесни акорди на човекот во чиј глас, распослан во четири октави, чудесно се мешаа свила и шмиргла. „I Am The Highway“ се викаше концерот и собравме пар свирки и фотки од него.

Дом завиен во бело

Хеликоптерска снимка од еден планинарски дом во Австрија. На Алпите, на 2.136 метри надморска височина. Зимно време.