Почина Крис Корнел

Брзо и неочекувано, на 52 години, само неколку часа по настап, почина Крис Корнел од Саундгарден и Аудиослејв, едно од најубавите рокерски грла на сите времиња. Глас распослан во четири октави во кој чудесно се мешаа и свила и шмиргла. 

Корнел беше во полна музичка и работна кондиција, среде распродадената американска турнеја на која му останаа уште шест свирки. Семејството (ќерка од првиот брак со Сузан Силвер која беше менаџерка на Саундгарден и ќерка и син од тековниот брак со парижанката со грчко потекло Вики Карајанис) e затечено и шокирано, чекаат обдукцијата да објасни што е причина за смртта.

едит: Соопштено е дека се самоубил со бесење.

Корнел е еден од основачите на гранџ сцената од Сиетл. Пред да почне да се занимава со музика бил готвач. Потоа го основа Саундгарден во кој на почетокот беше на тапани за по доаѓањето на Мет Камерон да се префрли на вокал кој комотно се чувствувал во четири октави. Добиваат Греми за Black Hole Sun и Spoonman.


 

Во 2001 ја формира Аудиослејв, заедно со Том Морело од Рејџ и Тим Комерфорд и Бред Вилк. Пет милиони продадени албуми со Саундгарден, два милиона со Аудиослејв.

Последен пат кога го снимија фоторепортери, пред месец дена, со децата:

Со својот пријател Џеф Бакли кој почина во 1997 година, Корнел се прости со Wave Goodbye:

Ние се простуваме со Корнел со неговата феноменална акустична обработка на Били Џин од Мајкл Џексон. Чујте го тоа:

Кога лани-преклани за малку го пропуштивме на свирка во Италија, бевме сигурни дека ќе го начекаме другпат. Ете ти сега.

Респект. Нека почива во мир.

 

 

18 мај 2017 - 10:59