Off Topic

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Муезине, напни тоа минарето

Можете да ја замислите таа запрепрастеност: од џамија во Измир одеднаш одекнува - „Бела чао“!? Турските власти и надлежните за верски прашања ветија дека ќе откријат кој стои зад оваа партизанско-субверзивна дубара. Додека тие откриваат, ние да слушаме. 

Лагите на лајфхак видеата, градинарско издание

Коментар на клип за одгледување пиперки од семе „тоа не е никулец од пиперка, туку е никулец од краставица“. Имавме една госпоѓа која прилично беше напред во науката околу храната и ги растури оние кратките клипови за кујнски фори, сега имаме двајца што се сериозно навлечени на градинарство.

Совети од татко

Роб Кенеј е човек кој како дете останува без татко, не заради некој трагичен настан, туку затоа што татко му се откажува од него (и од другите браќа и сестри). Денес Роб е татко на две возрасни деца со кои се уште е во нормален контакт, и сопственик на каналот „Тато како да?“ чија главна цел е да остави практични совети за најосновни работи и вештини низ животот што секој треба да ги знае, без разлика дали татко им им ги кажал или не.

Купување маска во Русија

Како и во секоја друга земја, и таму можеш да купи маска сабајле и поручек, со кеш или картичка, една или десет.... Секако и на секој можен начин, само доколку - имаш маска. Без маска не ти даваат да купиш маска. Руска квака 22.

Кит Ричардс во изолација

Добро, не целиот Кит Ричардс туку неговата гитара. И не секоја гитара туку онаа во „Gimme Shelter“. А тоа не е некоја од неговите омилени Телекастер, Лес Пол или Епифон туку некоја мистериозна Матон EG240 Суприм за која Ричардс денес памти дека некој во брзање ја оставил кај него, ама има заборавено кој.

AI/DC

Ги симнале постоечките текстови на AC/DC, ги пуштиле стиховите низ тн Маркови вериги  (Википедија, инаку тема која на ПМФ уште пред речиси 30 години се има изучувано во рамки на предметот Конечни Автомати кај проф. д-р Смиле Марковски) и оставиле вештачката интелигенција да ја дижестира нивната филозофија и поглед на свет. Добиле песна за тоа како постојат премногу жени со јајца. 

Детето на кое веќе му е јасно

Прашањето е едноставно: Како се вика човек кој е на власт? Одговорот е уште поедноставен.

Не е само фрли ги во машина

Наполнете када, ставете сода бикарбона, боракс и прашок за перење. Киснете ги пешкирите неколку часа, да видите што е кафеаво.

Изгоревте за добра теолошка дебата?

Две божји чеда се расправаат за прастарото прашање дали постои Господ, актуелизирано низ дилемата каде е тој во ситуации како што е тековната пандемија. Оној кој не верува Господ и неговата апсолутна непогрешивост има бааги лични причини за таквиот став а оној пак другиот, е најпогрешниот човек кој може да го посака екипата на „Верници“. Накратко, непомирлива расправа како меѓу Кристофер Хиченс и Ајатолах Хомеини, од двајца ликови како штотуку излезени од кај Жељко Малнар.    

Баба со (грчко-римски) стил

Двобој на некои двајца локални борачи. Едниот доаѓа до позиција да биде туширан, но во последен момент влетува негов човек од публиката.

Замислете како му е на Бил Гејтс

Гејтс не е никаков ангел, пошто ангели не постојат (освен оние 4 ангели на ул.Иван Аговски), но, му се случува она што би му се случило и на вистинскиот Исус Христос ако по некое чудо би се појавил меѓу луѓето. „Он ќе ни кажувал да го вртиме другиот образ!,“ би пиштеле праведници од социјалните мрежи објаснувајќи ни дека дечкото тоа го прави по налог на масоните кои сакаат да создадат општество на луѓе кои се навикнати на шамарање.

Еве го гадот кој нè клекна на колена

Направиле тродимензионален модел на SARS-CoV-2, со беспрекорна резолуција. Језиво, језиво. Изгледа како некој/нешто што стварно е спремно да покорува планети. Да ни дојдеше огромен, од небо, како што тоа бива на на филмови, ќе знаевме дека слаби ни се шансите (освен ако не ни се претставеше како услов за членство во ЕУ по што овде на билборди ќе го ставаа). Ама вака, кога знаеш дека не можеш да го видиш (илјадити дел од влакно е) а можеби го имаш во себе, е уште поморничаво.

Да ви покажеме нешто генијално

На Архимед во када му текнало она Еурека а на Исак Њутн требало да му падне јаболко на глава за да му се запали сијаличката. Овој револуционерен саунд инженер стоел до џамот на својата дневна соба и си викал: што можам јас ваков да извадам од оваа ситуација?

Грета Тунберг стана и експерт за епидемии

CNN најави дека на денешната телевизиски пренесувана дебата на тема „Коронавирус: факти и стравови“, покрај доктор Санњај Гупта и други експерти на оваа тема, ќе учествува и - Грета Тунберг. „Кога имате млада, хистерична тинејџерка која бучно сака да морализира и наоколу да мафта со прст кон луѓе, кои други референци ви требаат освен тие?“ горчливо се зеза Гад Саад. 

Стани Чак, ти ја свират Џони би Гуд на гајагеум

Гајагеум е традиционален корејски инструмент кој личи на разбој за плетење и има 12, 18 или 25 жици. Чак е Бери, пра-татко на рокенролот а Џони Би Гуд е онаа негова песна чии рифови „ja дефлорираа музиката, ѝ ја одземаа дотогашната невиност и неповратно ја направија дрска и секси“. Најмалку знаеме за Луна, девојката благодарејќи на која сè ова звучи супер симпатично.

Разбуди ли се, бато?

Кога ќе наидеш на некој абдал кој пијан заспал на волан сред улица, логично е да помислиш дека треба да го разбудиш. Ама па за него е логично да продолжи да тргне кај што застанал пред да заспие. 

Теоријата на количката за пазарење

Односот на некој човек кон количката пазарење е одличен лакмус тест за тоа дали тој човек е способен да знае што е добро и правилно без да треба да му се воведуват регулативи и правила. Едноставно, сам од себе да се раководи по принципи кои се на корист на сите.

Од некои вегани да ти се одјаде било што

Мала група неталентирани вегани решиле да направат драмолетка за да ги доловат поентите а нивната прехрамбена кауза и уствари да ни покажат зошто нејќеме да сме од иста со нив, по ниедна основа. Да ти падне жал за сите растенија што ги изеле додека станале вакви. 

Планета на мајмуните со мотори

Ако ви кажеме дека сега ќе погледнете видео во кое мајмунче доаѓа со мотор и пробува од клупа да киднапира детенце со пелени, нема да ни да проверите дали е тоа вистина. Тоа ви е добар став. Теоретски.

Како функционира следењето контакти

Целта на мерките е коронавирусот да се фати на кондиција и да се истошти, односно да се дојде до просек во кој еден пациент заразува помалку од еден човек. Една од мерките преку кои се прави тоа е следење контакти (другите се тестирање и дистанцирање) и во Британија тоа вака се спроведува.

Дајте му нему, вино, ракија

Во Индија продавниците за алкохол биле отворени после 40 дена катанец. Да ги погледнеме редовите од овие пресушени аџии.

Стриминг потег на денот

Дали на онлајн деловен состанок, или нa онлајн настава а најубaво во живо во дебатна емисија, ова мора некој да го направи и кај нас.

Како за ова толку знаеме а за она говно од вирус не?

Галаксијата OJ 287 е дом на една од најголемите црни дупки кои ги знаеме. Пазете ја нејзината маса - 18 МИЛИЈАРДИ пати поголема од нашето Сонце. Околу таа мрцина гравитира една помала црна дупка со 150 милиони пати поголема маса.

Жена, мајка, диктаторка

Една онион класика која фино легнува на муабетите за Северна Кореја. Прогресивните сили во светот здушно ја поздравуваат првата жена диктаторка исчекор кој го оценуваат како значајна победа во борбата за женски права и рамноправност меѓу диктаторите.