Off Topic

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Марвел пишти од Галичник до Река

Во турската верзија на Спајдермен, тој е апла терсене дечко и се прави бербат со Јузбаши Америка и мексиканскиот пеливан Санто. А кога е ифрит, прави пуздер по родово неутрална линија. Ептен пезевенк.  

Мајкл Мур: Планета на луѓето

Дали активистите за заштита на околината паднаа на зелените илузии, кои се сè само не се зелени, и целата надеж ја насочија кон биомаси, ветерници и електрични коли? „Не постои таква количина на батерии која може да нè спаси,“ вели режисерот Џеф Бигс. Зошто од дебатата е исклучено единственото прашање кое е битно за опстанок? Затоа што тоа прашање не му одговара на профитот и на бизнисот.  

Во која фаза сме?

За четирите клучни чекори за запирање на една епидемија, од романот Беснило на Борислав Пекиќ. Роман во чија најава авторот нагласува дека „настаните се фиктивни“ а „реална е само нивната можност“. А можноста некогаш знае опасно да мутира во реалност.

Татко и ќерка against the machine

Сигурно ќе наидете на технички подобар и музички поквалитетен кавер на „Killing in the Name“ од RATM, ама попозитивен и поохрабрувачки од овој, тешко.

Брифинг со доктори: Функционираме по погрешни модели

Здравствените системи се апсолутно фокусирани и ангажирани само на една работа (ковид-19) а во меѓувреме се умира од ракови, инфаркти, високи притисоци и други критични болештини. Некаде (во Њујорк) работат со максимум капацитет а некаде (во Калифорнија) толку немаат работа што времето го попополнуваат со папирологија околу ковид-19.

Малку хардкор наука со хардкор дилеми

Дали коронавирусот воопшто не е вирус туку можеби се работи за егзозоми кои постојат во телото и течноста на белите дробови, а зголемениот број може да биде предизвикан од некој надворешен фактор: отрови, стресови, инфекции и друго (внимание: се користи и забранетиот збор 5Г) .

Лиги сами капат, прости ми

„На баровите им треба живот. На животот му требаат барови“. Вака одамна не сме биле разнежнети. 

Најлошото помина. Најлошото допрва нè чека. Што не ви е јасно?

Се пренесува исклучиво преку капки, односно со близок човечки контакт. Затоа, добро е да се перат улиците. Не, улиците треба да се перат од психолошки причини, за да не ни биде страв да излеземе. Но, посигурно е да не излегуваме, освен ако не е неопходно. Треба да се излегува заради имунитетот, но подобро е да останеме дома.

Стонси имаат нова песна после 8 години

Конечно нешто добро и од пандемијава. Да не беше таа, на старките веројатно немаше да им текне да седнат и да направат нова ствар бидејќи стадионите им беа полни иако најтазе песни кои ги свиреа беа од пред 25 години. Ете ни ја сега ‘Living in a Ghost Town’, песниште.  

Што вика колосеумот од балконите?

Погледнете го видеото. Нас толку не нè снеможи непримерената бројност на полицијата (на крај се собраа 14 џандари), не толку ни нивната бруталност, тоа што непотребно го тепаа со пендреци и газеа со цокули и додека беше на земја, што го влечекаа како крпа. Комплетно нè снеможи тоа што оваа безочност беше проследена со аплаузи од балконите. Аплаузи од примерните граѓани кои ги почитуваат одредбите. Е, натаму сме тргнале.

Како Уганда се справува со ковид-19?

Накратко: одлично. На популација од 43 милиони, имаат околу 50 пациенти. Не затоа што се гаталци туку зашто се паталци, па се имаат навежбано на претходните искуства. За земја и народ кој ги преживеале далеку посмртоносните вируси на Ебола и Марбург, ковидов е детска настинка. Ама и општо, Уганда ги руши оние глупи стереотипи за Африка како континент на хаосот. Алал им вера.   

Гости во студиото

Супер приказна за двајца будалетинки кои сфатиле дека во оние утрински/дневни емисии им е најбитно да ја пополнат програмата и минутажата и дека не прават некој професионален ветинг на гостите па почнале да се појавуваат по телевизии како експерти за јојо, готвачи, фитнес гуруа... Ех, ние какви експерти и аналитичари се изнагледавме по дебатни емисии.

Вирусот е како мислењето: секој го има

Добро, не баш секој ама колку за паралела со онаа за „мислењето е како шупак - секој го има.“ Разговор со професорот од Стенфорд чие истражување прилично ги размрда карантинските политики - дека ковид инфекцијата е многу повообичаена отколку што ја мислиме. На секој човек кој здравствениот систем го знае како позитивен на коронавирус, околу него има 50 до 80 луѓе кои го имаат истиот вирус. Ако Македонија во моментов има 1.231 регистрирани, помножете со 50 или со 80.

И сред пандемија на коронавирус се снимаат реклами

Може се исти и на излгед, и на тон, и на муабет, и личат како да се правени по рецепт, меѓутоа сепак се снимаат, а тоа во моментов е многу поважно отколку разноликоста.

Театарска лектира за изолација: Радован Трети

Кој ја гледал, да си го обнови материјалот и репликите. Кој пак не ја гледал, сега е време да го фати возот. Животот може да се проживее и без гледање на оваа претстава, ама па, глупо е.

Се собраа Апостолите!

Постојат четири типа човечки коронавирус и постојат четворица над-човечки Стоунси кои и во пандемија функционираат како и секогаш: Џегер ја носи песната, Рони ги одработува гитарите, Кит си го прчи и буричка колку за зачин a Чарли одработува смена како да работи на патарина. И тие и вирусите се имаат појавено исто време на планетава. И никој ништо не им може.

Меркел фино го тоа објасни

Германската канцеларка ја објаснува сензитивноста на моделот за ширење на пандемијата и пресудната важност на малите промени во стапките на репродукција. Што има Меркел да објаснува такви работи? Па, жената има докторат по квантна хемија. Ние за објаснувања го имаме Самка.

Документарец кој нема да биде номиниран за Оскар

„The Coming War on China“ е документарец на повеќекратно наградуваниот новинарски ветеран Џон Пилгер во кој се составува мозаикот на ужасното сценарио во кое учествуваат две нуклеарни сили: најголемата воена сила на светот, САД, и втората по големина економска сила на глобално ниво, Кина. „Таа војна не е само можна, таа војна е планирана“. 

За многу години нека ни е Која

Нотиравме кога битолски деца трчаа по Даниел Кајмаковски и белградски по некој гејмер, редно е да нотираме и кога предмет на детската возбуденост е Која од Дисциплина кичме а повод, една-две лекции кои не треба да се заборават. 

Кој е за тенис?

Две Италијанки кои живеат во две соседни згради си го решиле проблемот со својата пасија и во време на карантин. Ама, лесно е со тенис, оди да те видам со табла. И да смислиш како, ќе ти треба и трета зграда за од неа некој да ти ц'цка дека си одиграл лошо

А сега нешто убаво: Глобален Чан Чан

„Playing for Change“ е проектот на Марк Џонсон од кој лани излезе „Weight“ на Роби Робертсон (за раѓањето на песната - тука). Сега се решиле за кубанскиот класик кој го популаризираа Буена Виста во 1997 година. Снимано е во Куба, на локации во САД, Либан, Јапонија, Мали... и ти доаѓа да излезеш на улица и да се разиграш.

Кога преживеавме спотови од 80-ти, ќе преживееме и ова

Над Тит-Ток деновиве кружи еден баук, баукот на советските музички спотови од 80-тите години. Духовите на непотребната носталгија ги повикаа група (денешни) тинејџери кои решиле да го реконструираат естетскиот модел на тогашните видео записи. И тоа изгледа и одлично и одвратно.

„Фитнес“ „инфлуенсер“

Една од поважните поенти од пердашењево „фитнес инфлуенсери“ е: „моето тело изгледа добро затоа што сум доволно млад па мојот неук начин на исхрана се уште немал доволно време за да ме стигне... а вложувам многу напор за истите тие пракси да им ги проповедам на моите следбеници.“

„Дај едно пиво“, по ново

Ако „дај едно пиво“ ви е стандардна нарачка во вашата омилена кафана, кафиќ, ресторан, бар, лаунџ бар, бистро, кај Пуно или друг објект од забавно-алкохолна природа, не мора да ја менувате нарачката кога ќе заврши ова срање од пандемии и карантини. Само треба да им објасните на луѓето што сега подразбирате под тоа.