Замислете како му е на Бил Гејтс

Гејтс не е никаков ангел, пошто ангели не постојат (освен оние 4 ангели на ул.Иван Аговски), но, му се случува она што би му се случило и на вистинскиот Исус Христос ако по некое чудо би се појавил меѓу луѓето. „Он ќе ни кажувал да го вртиме другиот образ!,“ би пиштеле праведници од социјалните мрежи објаснувајќи ни дека дечкото тоа го прави по налог на масоните кои сакаат да создадат општество на луѓе кои се навикнати на шамарање.

Потрошуваш 30 години од својот живот и 50 свои милијарди долари во поддршка на хуманитарни цели.

Директно спасуваш стотици илјади животи во југоисточна Азија со анти-малариски иновации, ја спушташ стапката на смртност кај новороденчиња во неразвиените земји финансирајќи програми за вакцинација, меѓу кои и онаа која имунизира 40 милиони деца од полио. Освен бројните хуманитарни акции, финансираш и бесплатни образовни платформи како што е академијата Кан за луѓето да имаат бесплатен пристап до висококвалитетно образование.

Потоа донираш 50% од своето богатство во хуманитарни цели а 90% од остатокот тестаментално го одредуваш за иста намена.

А потоа седнуваш на интернет за да сфатиш дека на него виреат милиони, научно неписмени имбецили кои го користат својот компјутер - кој во голема мерка го имаат благодарејќи баш на тебе - за да те прогласат за главен злотвор и сатана. Затоа што гледале некое Јутјуб видео од некој ним сличен кој им ја открил твојата суштина.

 

15 мај 2020 - 10:53