- Премиерот Петер Маѓар отворено ја номинираше Јудит Полгар – најдобрата шахистка на сите времиња – да ја преземе церемонијалната улога на претседател на Унгарија.
- Претходно и 16 водечки личности од областа на науката, културата и спортот, во отворено писмо до спикерката на парламентот ја предложија Полгар за претседател.
- Претседателот Тамаш Шуљок во саботата го потпиша уставниот амандман за предвремен крај на неговиот мандат, усвоен од Парламентот.
- Полгар нема политичко искуство, но 26 години по ред беше најдобро рангирана шахистка во светот и единствената жена што ја надминала границата од 2700 рејтинг-поени. Почитувана е од сите Унгарци и добитник е на највисокото државно одликување - Орденот на Свети Стефан. Тоа, според Маѓар, се идеални квалитети.
- „Претседателската функција не е професија, туку највисока јавна служба. Претседателот треба да му служи и да го претставува секој Унгарец. Јудит Полгар најдобро одговара на таа визија бидејќи својот углед го изгради со постигнувања, а не со политички врски. Ќе се сретнам со неа в понеделник и ќе прашам дали е подготвена да ѝ служи на нашата земја во нова улога сè додека не се донесе новиот Устав“, објави Маѓар.
- Пентагон испраќа повеќе авиони кон Персискиот Залив и ги проширува нападите врз Иран, иако нема доволно муниција за долга војна, предупредуваат аналитичари и офицери од Вашигтон. „Операциите ќе бидат ограничени поради намалените залихи на муниција за противвоздушна одбрана и ракети со долг дострел. Мислам дека Белата куќа не е свесна за тоа“, изјави анонимен функционер за Вашингтон пост.
- Уште по првиот бран жестоки напади во почетокот на март, Центарот за стратешки и меѓународни студии објави дека САД потрошиле повеќе од 3.000 ракети од „томахавк“, „патриот“ и JASSM.
- Загубата на тројца војници во петокот се сведоштво дека САД немаат ни ефикасна заштита за вкупно 50.000 војници распоредени во регионот. Тие загинаа во база во Јордан, која важеше за побезбедна од оние во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар кои беа под постојан непријателски оган.
- „Обемот на нашето присуство на Блискиот Исток стана товар. Алармантната зачестеност на иранските одмазнички напади се одразува на залихите за нивна заштита“, изјави Кетрин Томпсон од Институтот Като.
- Уште помали се капацитетите на САД за копнена инвазија, која Трамп минатата недела не ја исклучи како опција за контрола на Ормускиот проток. „Би било грешка да се распоредат копнени сили било на островите било на копното. Американските сили не се подготвени за одбрана од ирански напади од дистанца“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии.
- Американскиот претседател Доналд Трамп објави дополнителни царини од 50% за одредени канадски производи како одговор на „дискриминација врз американскиот извоз на млечни производи, алкохол и автомобили“.
- Царините, кои ќе стапат на сила по 30 дена, опфаќаат производи во вредност од речиси 20 милијарди долари – од вино, па сè до стапови за хокеј. Нема да се однесуваат за увоз на нафта, гас, ѓубрива, критични минерали и други стоки неопходни за заштита на домашното производство и националната безбедност на САД.
- Трамп претходно ѝ се закани на Канада со царини поради густиот чад од шумските пожари што се прошири кон САД, но тоа официјално не е наведено како причина за новите трговски мерки. Од премиерот Марк Карни побарал Канада да ги засили напорите за справување со шумските пожари.
- Белата куќа всушност се повикала на член од Законот за царини од 1930 година, кој му овозможува на претседателот да воведе казнени царини до 50% за трговски партнери за кои се смета дека вршеле дискриминација врз стоките од САД. Ова е прва позната примена на законот по речиси цел век.