Владата ќе ги учи Американците да готват

Министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор има нов рецепт како Американците да бидат повторно здрави. Владата ќе им понуди иницијативи за да ги научи како самите да готват, ќе организира курсеви и едукативни кујни и ќе им нуди рецепти за брзо подготвување оброци со здрави состојки наместо да се дебелат со ултрапреработена брза храна.

Според најавите на Кенеди, студентите по медицина ќе посетуваат часови по готвење, а потоа ќе излегуваат на терен во заедниците и во мобилни кујни ќе ги подучуваат луѓето како да готват.

Околу 5.000 униформирани службеници од Корпусот на офицери на Службата за јавно здравје на САД веќе посетуваат часови за здрава исхрана и развиваат едукативни кујни. На нова федерална платформа ќе се објавуваат рецепти за здрава исхрана со буџет од 10 долари дневно, како и видеа со препораки за купување намирници, дури и совети како да се користи приборот за јадење и за готвење.

Иницијативата  почна уште во јануари кога Кенеди и министерката за земјоделство Брук Ролинс ги објавија Упатствата за исхрана за Американците за 2025-2030 година. Обемниот извештај на 453 страници од советодавниот комитет беше отфрлен како „неразбирлив“ и беше заменет со документ од 10 страници и нова превртена пирамида на храна.

Црвеното месо, полномасното млеко и здравите масти се на широкиот врв. На тесното дно, каде што порано беа мастите, сега се житарките. Се охрабрува користење путерот и говедска маст, а шеќерот е ограничен на 10 грама по оброк. На Американците им се советува да избегнуваат ултрапреработена храна, која не е прецизно дефинирана.

Упатствата од владата одредуваат што им се служи како оброк на речиси 30 милиони деца во училиштата, ја дефинираат понудата на храна во програмата наменета за жени, доенчиња и деца (WIC) и ги регулираат оброците што им се служат на војниците и ветераните. Во март, Центрите за услуги на Medicare и Medicaid им наложија на болниците да ги преиспитаат своите менија.

Вашингтон издава упатства за исхрана на секои пет години уште од 1980 година, кога првпат им порача на Американците „да се плашат од маснотиите“. Прехранбената индустрија реагираше со етикетите „ниска содржина на маснотии“ и ја пополни празнината со шеќери. Во 1992 година, беше објавена „пирамидата на исхраната“ која во основата предвидуваше 6 до 11 парчиња леб дневно, житарки, ориз и тестенини, а ги намали препорачаните дози на маснотии, од маслиновото масло до свинската маст. Пирамидата се уште е врежана во сеќавањата на учениците од тоа време.

Приказната за тоа како настана таа пирамида заслужува да ѝ се посвети посебно внимание. Министерството за земјоделство имаше подготвена верзија уште во 1991 година. Производителите на месо и млечни производи реагираа на позицијата на нивните производи, па Министерството ја обработуваше пирамидата уште цела година. Конечната верзија на пирамидата не беше одраз на научни сознанија, туку на преговори со индустријата.

Во меѓувреме се појавија MyPyramid во 2005 година – апстрактна скалеста шема која никој не можеше да ја разбере, и MyPlate во 2011 година, која ја замени традиционалната пирамида. Јајцата прво беа прогласени за штетни, а потоа „рехабилитирани“. Мастите беа главен непријател, сè додека таа улога не ја презеде шеќерот.

И покрај сите ревизии нацијата стануваше сè подебела: стапката на дебелина кај возрасните изнесуваше околу 23% во раните 90-ти години, а до 2021 година достигна 40%. Денес, според Организацијата за економска соработка и развој, 35% од возрасните Американци се сметаат за дебели, што е речиси двојно повеќе од просекот од 19% во членките на ОЕЦД.

20 јули 2026 - 12:21