- Дали е чудно да се каже антропологинка, етнологинка или гинекологинка? Одговорите на овие и многу други прашања ќе бидат во фокусот на дискусијата „Од каде сега феминативи?“, што ќе се одржи на 4 јуни (четврток) во Лабораториум со почеток во 19 часот.
- Иницијативата „Зборци“ организира отворена дискусија посветена на феминативите и нивната улога во современиот македонски јазик. Настанот ќе отвори разговор за тоа колку сме подготвени да ги менуваме јазичните навики и како зборовите влијаат врз начинот на кој ја разбираме и обликуваме реалноста.
- На настанот ќе се обратат проф. д-р Симон Саздов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, етнологинката и антропологинка Јана Коцевска и македонистката и лекторка Татјана Б. Ефтимоска. Организаторите најавуваат отворен разговор во кој публиката ќе има можност активно да се вклучи и да придонесе кон дебатата за јазикот, родот и општествените промени.
- Од јули 2026 проф. Мирко Трајковски, по потекло од Скопје (попрецизно - Буњаковец), со завршен Фармацевтски факултет на УКИМ, е Директор на Одделението за клеточна физиологија и метаболизам при Универзитетот во Женева. Тој е професор на Факултетот по медицина на истиот универзитет од 2013.
- Проф. Трајковски раководи со интердисциплинарен истражувачки тим кој се занимава со најнови експериментални технологии и ин витро модели за да се открие како метаболитичките процеси влијаат врз сложени болести вклучувајќи дијабетес, прекумерна тежина и рак.
- Тој и неговиот тим развиле иновативен метод за откривање на колоректален карцином преку анализа на бактериите во цревниот микробиом, кој е многу помалку инвазивен и речиси подеднакво точен како колоноскопијата.
Подетално за патот на Трајковски во интервју за факултети.мк од 2017.
- Една од најзначајните авторки во регионот, Славенка Дракулиќ, почина на 77-годишна возраст. Во текот на турбулентните 1990-ти, кога националистичките идеи доминираа во јавната сфера, таа остро предупредуваше за опасностите од омраза, војна и колективни заблуди, за кои често беше изложена на напади и предизвици. Последиците беа сериозни – таа се повлече од домашниот јавен живот и се пресели во Шведска, каде што продолжи да гради меѓународна кариера.
- Токму нејзините искуства од егзил и набљудување на посткомунистичка Европа од поинаква перспектива ги трансформираше во серија значајни дела од новинарството. Преку книги како „Балкан Експрес“ и „Кафе Европа“, таа ги доближи сложените политички и општествени процеси што го обликуваа регионот по распадот на Југославија до странската публика.
- Посебно место во нејзиното подоцнежно творештво зазедоа приказни за жени кои останаа во сенка на познати мажи. Таа пишуваше за Фрида Кало, Дора Мар и Милева Ајнштајн, обидувајќи се да фрли светлина врз нивните животи, таленти и лични жртви кои честопати биле занемарени во историските извештаи.
- Во текот на својата кариера, Дракулиќ соработуваше со истакнати глобални медиуми, вклучувајќи ги „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“, а нејзините книги се преведени на бројни јазици. Иако доби меѓународно признание за време на нејзиниот живот, нејзините дела денес имаат додадена вредност како документ на времето и потсетник за важноста на критичкото размислување.