И со „траума“ се претера

Што всушност значи терминот „траума“? Денес тој се користи многу почесто отколку порано – за тешки животни настани, но и за секојдневни разочарувања, стресови и непријатни искуства. Летвичката за тоа што се може да биде траума е толку спуштена, што излегува дека и најмало непријатно искуство го заслужува овој опис.

Британската писателка и универзитетска професорка Лили Дан, во текст за Аеон начнува интересна тема: дали современото општество го проширило значењето на поимот „траума“ до таа мера што понекогаш станува нејасно што е вистинска траума, а што е едноставно дел од човечкото искуство. Повод за нејзините размислувања е тешката сообраќајна несреќа на нејзината мајка, но и сопственото искуство со младите генерации, менталното здравје и културата на современото општество.

Минатата есен мајка ѝ доживеала речиси фатална сообраќајка кога автомобил директно удрил во нејзиното возило. Во болницата лекарите се бореле за нејзиниот живот, а семејството минувало низ часови исполнети со страв и неизвесност. Жената претрпела бројни скршеници и повреди, но по неколку недели во интензивна нега и на болничко лекување почнала постепено да закрепнува.

За авторката било значајно што сите околу неа го користеле зборот „траума“. Болницата била трауматолошки центар, лекарите зборувале за телесни трауми, а и семејството поминувало низ психолошка траума. Но нејзината мајка, која припаѓа на генерацијата на бејби-бумерите, речиси никогаш не го користела тој збор. Наместо тоа, постојано истакнувала дека има за што да биде благодарна и покажувала неверојатна издржливост и оптимизам.

Во исто време, Дан работела како универзитетски професор и од болничката соба комуницирала со студентите. Сè почесто добивала пораки од млади луѓе кои откажувале часови поради „траумата“ од анксиозноста или поради лош ден. Тоа ја натерало да се запраша дали денес зборот „траума“ се користи премногу лесно и дали неговото значење се разводнува.

Зборот потекнува од старогрчкиот јазик и првично означувал физичка рана. Подоцна почнал да се користи и за психички повреди предизвикани од шокантни искуства. Во текот на 20 век терминот најчесто се поврзувал со тешки настани како војни, силувања, напади или тешки несреќи. Но со текот на времето дефиницијата се проширила и денес често се однесува и на субјективното чувство на повреденост или вознемиреност.

Некои психолози овој процес го нарекуваат „ширење на концептот“ – појава во која сè повеќе животни искуства се толкуваат низ призмата на траумата. Од една страна, тоа овозможило поголемо разбирање за групите кои порано биле игнорирани, како жртвите на насилство, дискриминација или злоупотреба. Од друга страна, постои опасност секоја непријатност да се прогласува за траума, со што самиот поим губи дел од својата тежина.

Авторката смета дека современата култура понекогаш премногу ја нагласува улогата на жртвата. Социјалните мрежи, индустријата за самопомош и популарната психологија често ги поттикнуваат луѓето да ги толкуваат своите проблеми преку дијагнози и етикети. Според неа, тоа може да доведе до чувство на беспомошност и уверување дека човекот е трајно обележан од своите рани.

Истовремено, Дан признава дека отворањето на разговорите за траумата донело и многу позитивни промени, oвозможувајќи им на луѓето да зборуваат за искуства кои порано биле премолчувани. Ваквите приказни помогнале подобро да се разберат последиците од злоупотребата, насилството и дискриминацијата.

На крајот, изгледа дека не постои едноставен одговор на прашањето што е, а што не е траума. Наместо тоа, авторката повикува на рамнотежа: да не се потценуваат вистинските психолошки рани, но и да не се користи зборот за секоја животна непријатност. Според неа, најважно е луѓето да ги разберат сопствените искуства, да најдат смисла во нив и да не дозволат болката да стане нивен траен идентитет.

Види претходно: Многу траума во уметноста е трауматично

21 јуни 2026 - 16:45