Многу траума во уметноста е трауматично

„Траума“ вообичаено се смета за длабоко вознемирувачко и стресно доживување, кое може да го наруши психолошкото здравје и да влијае врз идното однесување. Како такво тоа е често користено во книги и филмови, како основа на заплетот или како негова позадина. Дали со ова трауматизираните се сведуваат на збир симптоми?

Обично се вели дека во раскажувањето приказни не постојат нови теми, туку древните и универзални човечки стравови, желби и копнежи само се облекуваат во ново руво, согласно историскиот и општествениот контекст. Тоа секако може да важи за нарации во кои главниот лик или ликови страдаат од некаква мината траума. Ова нас, читателите или гледачите, нè насочува повеќе кон минатото (да размислуваме за тоа што точно им се случило и како тоа им влијаело) а не да се занимаваме со иднината („ќе се земат ли децата?“). Дури и во модерни адаптации на книги во кои траумата не е експлицитно наведена, или воопшто нема назнаки дека таа се случила, таа се вклучува како омнипотентно објаснување на текот на настаните и однесувањето на ликовите. На пример две модерни филмски адаптации на „Вртење на завртката“ од Хенри Џејмс, хорор приказна којашто се случува на Божик, додава силување во минатото на еден од главните ликови - приватна учителка. Во романизираните „апдејти“ на драмите на Шекспир во издание на Хогарт Прес (кои излегуваат од 2018 до денес), Ју Несбе, Хауард Џејкобсон, Јанет Винтерсон и други ја толкуваат „Магбет“ додавајќи трагични заднински приказни.  

Доминацијата на траумата како основа на заплетот не е изненадувачка во време кога таа се детектира насекаде, дури и прекумерно, со тоа само засилувајќи го нејзиниот опсег и поддржувајќи опасна идеја дека „траума“ може да биде какво и да е непријатно искуство. Откако еднаш ќе биде етикетирано како трауматично, човек и потешко се справува со таквата тежина на своето искуство. 

Во 1980 американскиот прирачник за психијатриски нарушувања и болести од 1980, DSM-III, ја дефинира траумата прилично широко, како „нешто вон вообичаеното човечко искуство“, таа според некои психотерапевти сега го вклучува и „сето она коешто телото го смета како претерано, премногу брзо или прерането“. 

Ова овозможува повеќе луѓе да ја добијат потребната грижа, но истовремено толку го растегнува концептот, што ако станува збор за пост-трауматско наручување тогаш тоа може да се должи на (некој избројал) точно 636.120 можни комбинации на симптоми, што значи дека исто толку луѓе можат да имаат уникатен збир симптоми со иста дијагноза. Оваа неодреденост е медицинска но и морална, затоа што војник кој ќе изврши воени злосторства може да споделува дијагноза со своите жртви, истата дијагноза може да важи и за новинар кој известува за злосторства, за наследници на жртвите, па дури и за историчар кој проучува настан кој се случил еден век порано. 

Модерниот живот е инхерентно трауматичен. Сега сме станати подобри во сфаќањето на истото и забележувањето на трауматските искуства, бидејќи сме посензитивни на човечкото страдање. Но во свет фокусиран на жртвите, дали траумата станува доказ за статус - наш орден за храброст? Прашањето може да е навредливо: како може воопшто да се дискутира за симболичката вредност која му се припишува на страдањето а притоа да се нема лек? Од друга страна, при толку морални скрупули лесно се препуштаме и славиме дела во кои дури и марвеловите суперхерои имаат психолошки проблеми од детство или книжевните хероини се непоправливо „оштетени“ од траума. 

Нарацијата базирана на траума ги оповршнува, ги искривоколчува и ги сведува ликовите на симптом и инсистира на својот морален авторитет. Што е со препуштањето на незнаењето и поттикнувањето на претпоставките зошто некој фиктивен лик минува низ криза и страда? Така човек и полесно се идентификува со нив, проектирајќи ги своите трауми, и терапевтски излегувајќи на крај со нив.

извор

28 декември 2021 - 09:15