Марија Антоанета, жена на Луј 14-ти и кралица на Франција од 1774 година до укинувањето на монархијата, најчесто се поврзува со славната изрека „Нека јадат колачи“ (ако немаат леб), иако историчарите одамна утврдиле дека таа никогаш не ја изговорила истата.
На 16 октомври 1793 година, по повеќе од една година затвор, била осудена на смрт за велепредавство. Додека се качувала на платформата каде што требало да биде погубена, случајно му згазнала на ногата на својот џелат, Шарл-Анри Сансон. Наместо да манифестира гнев или очај, таа мирно рекла: „Простете ми, господине, не го направив намерно.“ Тоа биле нејзините последни зборови.
Ноќта пред егзекуцијата, таа напишала и проштално писмо до својата золва, Елизабета. Во него ја истакнала својата невиност, им простила на непријателите и изразила огромна тага што засекогаш ќе се раздели од своите деца. Напишала дека живеела за нив и дека најтешко ѝ паѓа токму разделбата со семејството. Писмото завршува со емотивно збогување и размислувања за последните часови од нејзиниот живот.
Причините поради кои била омразена биле бројни. Како сопруга на кралот, таа го поддржувала отпорот кон реформите што ги барале револуционерите. Иако не била главниот виновник за финансиските проблеми на Франција, јавноста често ја обвинувала за економската криза и за прекумерното трошење на дворот.
Нејзиниот углед дополнително бил нарушен од бројни памфлети во кои била прикажувана како морално расипана и раскалашна личност. Голем удар за кралското семејство била и познатата „афера со дијамантскиот ѓердан“, во која измамници го злоупотребиле нејзиното име при купување исклучително скап накит, предизвикувајќи скандал што ја разнишал довербата во монархијата (за ова види претходно во „Дијамантскиот ѓердан поради кој Марија Антоанета завршила на гилотина“).
Дополнителен проблем било и нејзиното австриско потекло. Многумина Французи никогаш целосно не ѝ верувале, а кога било откриено дека испраќала тајни пораки до Австрија и други странски сили барајќи помош против револуцијата, сомнежите прераснале во отворено непријателство. Неуспешниот обид на кралското семејство да избега од Франција во 1791 година само ја влошило ситуацијата.
Кога конечно била однесена кон гилотината, Марија Антоанета стравувала дека разгневената толпа ќе ја нападне уште пред да стигне до местото на погубувањето. Но тоа не се случило. Наместо драматичен говор или политичка порака, нејзините последни зборови биле едноставно извинување.