„Да даде Господ...“: клетва стара 2.000 години откриена во Холандија

Археолозите во Холандија открија необичен римски артефакт што фрла нова светлина врз верувањата и магиските практики во античкиот свет. Станува збор за мала оловна плочка со испишани клетви и повикувања на божества и демони, која била користена за нанесување штета на непријатели. Истражувачите се особено заинтересирани од необичната комбинација на јазици и културни влијанија што се забележуваат во натписот.

Во холандскиот град Херлен е пронајдена римска плочка стара речиси две илјади години, која по дешифрирањето се покажала како предмет поврзан со магиски ритуали и клетви.

Артефактот бил откриен на археолошко наоѓалиште во некогашната римска провинција Долна Германија. Плочката е мала, со димензии од околу 9,3 на 4,8 сантиметри, а на неа е испишан текст на старогрчки јазик. Тоа е невообичаено за северните делови на Римската Империја, каде што ваквите натписи најчесто биле на латински. Луѓето низ Римскиот свет користеле вакви „клетвени таблички“, познати како „катадесмои“. 

Научниците од Универзитетот во Хајделберг утврдиле дека натписот содржи три различни групи знаци и дека е напишан во египетски стил на старогрчкиот (ако сте збунети од ваквата мешавина на писма и култури - тоа е како во Скопје да најдеш документ на англиски, со арапски религиозни формули и со француски имиња). За да го прочитаат текстот, тие користеле современи фотографски техники со различно осветлување, а потоа снимките биле дигитално обработени за да станат видливи и најситните детали на површината.

Ваквите таканаречени „клетвени плочки“ во античко време најчесто биле изработувани од олово. Се верувало дека овој метал има посебна моќ за „врзување“, па затоа бил популарен во магиските ритуали. На нив се испишувале клетви или магиски формули, а потоа се закопувале со надеж дека ќе влијаат врз противници во судски спорови, спортски натпревари или љубовни ривалства.

Плочката од Херлен содржи повикувања на различни божества и демони според традициите на римски Египет. Во текстот се споменуваат и имињата на четири лица – двајца мажи и две жени, опишани како робови. Таа можела да биде наменета или како клетва против овие четири лица, или како клетва што тие ја нарачале против некој друг човек чие име не е наведено.

Особено внимание привлекува фактот што машките имиња се запишани на латински, а женските на грчки јазик. Ова ги навело научниците да претпостават дека една од жените можеби била автор на натписот и дека со себе донела магиски традиции од римски Египет.

Откритието покажува колку важна улога играла магијата во секојдневниот живот на луѓето во Римската Империја. Одредени ритуали за заштита и лекување биле општествено прифатени, додека магијата насочена кон нанесување штета на други луѓе најчесто се изведувала тајно.

Според египтологот Јоахим Квак, оваа плочка е уште еден доказ за силното мешање на египетските, блискоисточните, еврејските и другите традиции во првите векови од нашата ера. Откритието сведочи за тоа колку биле поврзани различните култури во рамките на огромната Римска Империја и како нивните верувања се ширеле на големи растојанија.

извор

19 јуни 2026 - 20:49