Од првото Светско првенство во фудбал во 1930 година, па сè до 1970 година, победниците го добивале трофејот „Жил Риме“. Но кога Бразил ја освоил својата трета титула во 1970 година, Бразилците стекнале право засекогаш да го задржат, согласно тогаш постоечко правило дека по три освојувања репрезентацијата стекнува право на трајна сопственост на трофејот. Тогаш ФИФА се соочила со задача да создаде нов симбол за најголемата награда во фудбалот пред турнирот во 1974 година.
На конкурсот биле поднесени 53 предлози од дизајнери од седум земји. Победил италијанскиот скулптор Силвио Гацанига. Тој замислил нешто поинакво од класичен пехар - сакал да создаде симбол кој го акцентира херојството, но не како натчовечка сила, туку како универзална човечка вредност. Формата ја опишал како линии што се издигнуваат од основата и спирално се отвораат кон светот, прикажувајќи момент на триумф, со две фигури кои ја држат Земјината топка. Споредбата на која се сетил е едноставна, но луцидна - бидејќи Земјата е округла, таа потсетува на фудбалска топка.
Бидејќи не можел целосно да ја пренесе идејата на хартија, изработил гипсен модел што лично го презентирал пред ФИФА. Визуелниот впечаток бил веднаш убедлив – трофејот изгледал елегантно, бил лесен за кревање и моќно симболичен.
Трофејот е висок 36,8 сантиметри, тежи околу 6,1 килограм и е изработен од 18-каратно злато, со основа украсена со зелен малахит. Бидејќи целосно златна верзија би била премногу тешка за кревање (плус многу поскап), трофејот од внатре е шуплив.
Од 1974 година, имињата на победниците се гравираат на основата. Подоцна, поради недостиг на простор, гравирањето е организирано во спирален облик за да се овозможи место за идните шампиони.
Од 2006 година, ФИФА ги заостри правилата за безбедност: оригиналниот трофеј не се задржува трајно од победниците, туку тие го креваат само на церемонијата, а потоа добиваат позлатена копија. Оригиналот се чува во Музејот на светскиот фудбал на ФИФА во Цирих и се изложува само во посебни прилики. Само државни лидери и играчи кои го освоиле Светското првенство смеат да го допрат оригиналниот трофеј. Во ретки случаи се прават исклучоци, како кога Нелсон Мандела држел официјална копија. Се проценува дека ако некогаш би бил ставен на аукција, трофејот би можел да достигне вредност од над 20 милиони долари, што го прави еден од највредните спортски симболи во светот.
Од 1974 година наваму, трофејот најчесто го освојувале Германија и Аргентина, со по три титули, европските репрезентации имаат вкупно осум победи, додека јужноамериканските пет.
Иако Гацанига не заработил директно од неговиот дизајн, стекнал огромна светска слава и добил нови нарачки, меѓу кои и трофеи за натпреварувањата на УЕФА. Починал во 2016 година на 95 години, но неговото дело останува еден од најпрепознатливите и најмоќни спортски симболи во историјата на фудбалот.