- Филозофскиот филмски фестивал ќе се одржи од 21 до 28 мај, со проекции во Кино „Фросина“ на Младинскиот културен центар каде ќе бидат прикажани триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот.
- Фестивалската програма е изградена од разновидни селекции кои ни нудат преглед на новите филмски остварувања, но нè потсетуваат и на некои подамнешни филмови. Две од програмите се компетитивни: официјалните селекции на долгометражен и краткометражен филм, а овде се и Ревијалната програма: филм-философија, Селекција на есеј-филмови, Придружната и Едукативната програма.
- Фестивалот ќе биде отворен со „Друг крај“ од италијанскиот режисер Пјеро Месина – со проекција на 21 мај во 20:00 часот. Филмот е сместен во блиска дистописка иднина каде што технолошкиот напредок претендира да ја колонизира и самата смрт. Филмот го поставува прашањето „Што навистина нè поврзува со оние кои заминале, кога телото е само привремен сад за ехото на минатото?“
- Целата програма тука
- Во културно-едукативниот центар Лабораториум на 11 јуни (четврток) во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Од шкафот“ на младата авторка Јана Наскова. Изложбата е прв јавен настан од иницијативата „Градски ѕид за нови лица на македонската културна сцена“, преку која Лабораториум поддржува млади уметници и креативци од независната сцена.
- Фотографскиот проект е резултат на едномесечна резиденција, во која Наскова работеше под менторство на реномираната фотографка Еџе Али. Во фокусот на проектот е урбаниот простор, но и личниот поглед на младата авторка кон градот, секојдневието и интимните слоеви на просторот што ја опкружува.
- Проектот „Нови Лица“ има цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена. По јавен повик, стручно жири избра осум млади автори и креативци кои до крајот на годината ќе поминат низ едномесечни менторски резиденции. Секој од учесниците работи со искусен ментор, кој го следи и поддржува креативниот процес до создавање на ново авторско дело. Резултатите ќе бидат јавно презентирани во Лабораториум преку изложби, презентации и јавни настани.
- Дали е чудно да се каже антропологинка, етнологинка или гинекологинка? Одговорите на овие и многу други прашања ќе бидат во фокусот на дискусијата „Од каде сега феминативи?“, што ќе се одржи на 4 јуни (четврток) во Лабораториум со почеток во 19 часот.
- Иницијативата „Зборци“ организира отворена дискусија посветена на феминативите и нивната улога во современиот македонски јазик. Настанот ќе отвори разговор за тоа колку сме подготвени да ги менуваме јазичните навики и како зборовите влијаат врз начинот на кој ја разбираме и обликуваме реалноста.
- На настанот ќе се обратат проф. д-р Симон Саздов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, етнологинката и антропологинка Јана Коцевска и македонистката и лекторка Татјана Б. Ефтимоска. Организаторите најавуваат отворен разговор во кој публиката ќе има можност активно да се вклучи и да придонесе кон дебатата за јазикот, родот и општествените промени.