- Во Музејот на современа уметност во Скопје, на 31.3 (вторник) со почеток во 20 часот, уметницата Тања Балаќ ќе го претстави својот нов проект „Телото што ја памти тишината“ – мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.
- Изложбата е конципирана како просторно и визуелно искуство составено од две целини: инсталација поставена во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку внимателно избрани и минималистички изразни средства – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент кој поттикнува продлабочена перцепција и внатрешна концентрација кај посетителите.
- Во центарот на проектот е концептот на телесна меморија, претставена како тивко и често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се изрази директно или наративно. Делото отвора простор за суптилни и интимни состојби, овозможувајќи нивно силно, но ненаметливо доживување.
- „Отвори прозорец кон нови светови“ е слоганот на 38. издание на Саемот на книгата, кој и оваа година ќе се одржи во Aрената Борис Трајковски во Скопје, во периодот од 23 до 29 април (четврток до среда).
- Издавачката куќа „Арс Ламина“ го најави ексклузивното гостување на популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, во Скопје на 25 април. Преку издавачката куќа „Сакам книги” доаѓа и италијанската писателка Виола Ардоне – авторка на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и своја Нетфликс адаптација. На штандот на издавачки центар ТРИ ќе гостува Хајс Вилбринк, автор од Холандија. На штандот на Антолог најавено е гостување на авторката Ирса Сигурдардотир од Исланд, препознатлива авторка на трилери. Чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“. На саемот ќе бидат присутни над 30 издавачи од соседна Србија, а за истакнување е и најголемиот издавач Лагуна.
- Програма на промоции по штандови тука
Промоции во Промотивниот центар на Саемот тука
- Во Чифте амам во Старата скопска чаршија в четврток, на 16 април во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“.
- Станува збор за проект што ги поврзува етнологијата и ликовната уметност, преку толкување на етнографските елементи во дела создадени кон крајот на 19 и во првата половина на 20 век.
- На изложбата ќе бидат претставени вкупно 52 дела од колекцијата на Националната галерија, меѓу кои и дела што не биле често изложувани пред пошироката јавност. Според најавата, станува збор за творби од истакнати македонски и балкански автори, инспирирани од животот во Македонија во поинакви историски и општествени времиња. Автор на изложбата е Александар Ристевски, а соработник и автор на текстот во каталогот е м-р Владимир Таневски.