Хиени и жаби: Стив Коупленд од „Полис“ со нов албум со звуци од дивината

Вчера, 20.04., излезе албумот „Див концерт“, кој балансира на граница меѓу звукот, науката и екологијата. Во центар на оркестарска композиција се гласови на животни. Но тој не е замислен само како експериментална форма, туку и како силна порака за кревкоста на животната средина и итноста од нејзино зачувување.

Албумот „Див концерт“ („Wild Concerto“), објавен вчера, 20 април, претставува уникатен музички проект што ја спојува уметноста со еколошката свест. Зад него стојат поранешниот член на Полис, Стујард Коупленд и природонаучникот Мартин Стујарт, кои заедно создадоа оркестарски композиции во кои се вградени речиси 100.000 снимки од животни.

Албумот е снимен во легендарното студио Ејби роуд, а во него како „главни изведувачи“ се јавуваат звуци од хиени, бувови и мајмуни. Коупленд, познат како тапанар на славниот бенд, работел со огромна архива од околу 30.000 часа теренски снимки што ги собирал повеќе од шест децении.

Мартин Стујарт, пак, започнал да снима звуци од природата уште како дете, а денес неговата колекција претставува важен аудио-документ за состојбата на планетата. Таа содржи и снимки од веќе исчезнати или критично загрозени видови, како северниот бел носорог и панамската златна жаба. Не е необично што го нарекуваат „Дејвид Атенборо на звукот“. Според него, звуците на природата се директен показател за здравјето на екосистемите – „аудиото е барометар на планетата“. 

Проектот има силна порака: ако луѓето ја почувствуваат убавината на природата, можеби ќе се поттикнат да ја заштитат. Стјуарт нагласува дека промените во звуците на животната средина јасно укажуваат на нејзиното влошување, а исчезнувањето на одредени гласови значи и исчезнување на видови.

Од своја страна, Коупленд внел експериментален пристап во композицијата. Тој ги користел природните звуци како основа за ритам и мелодија, комбинирајќи ги со оркестарски инструменти. Неговата музичка инспирација доаѓа од различни извори – од рок легенди како Хендрикс до класични композитори како Стравински. Особено го фасцинирале звуците на хиените, кои имаат богат „вокабулар“ на различни тонови и изрази.

Во текот на создавањето, токму животинските гласови ја диктирале структурата на композициите, при што оркестарот служи како поддршка што ги „воздигнува“ тие звуци. Коупленд вели дека, кога ќе се комбинираат со музички инструменти, животните „стануваат како оперски пејачи“.

„Див концерт“ не е само музички албум, туку и повик за зачувување на природата. Преку спојот на уметност и наука, авторите се обидуваат да создадат подлабока емотивна врска меѓу луѓето и дивиот свет, предупредувајќи дека, ако продолжиме да ја уништуваме природата, неповратно ќе загубиме многу.

21 април 2026 - 15:28