фото: EpaImages
Познатиот британски зоолог, писател и телевизиски водител Дезмонд Морис почина на 98-годишна возраст.
Роден во 1928 година во Англија, Морис прво служел во армијата, а потоа се посветил на студии по зоологија на Универзитетот во Бирмингем. Докторирал однесување на животни на Оксфорд. Таму oсобено го истражувал репродуктивното однесување кај птиците.
Во 1956 година станал познат како водител на емисијата „ЗОО тајм“, која се емитувала повеќе од една деценија и ја приближила науката за животните до пошироката публика. Подоцна работел и со Би-би-си, каде водел бројни документарни серии како „Менвочинг“ и „Човечкото животно“.
Но најголемата популарност ја доживеал во 1960-тите. Во годините кои следеле по сексуалната револуција, неколку книги (додуша на различни начини) нашле посветени читатели помеѓу тазе ослободените. Тоа биле „Женскиот евнух“ на Жермен Грир, „Радоста на сексот“ на Алекс Комфорт и - „Голиот мајмун“ на Дезмонд Морис.
Книгата, која потоа долго време беше бестселер (во Југославија ја читавме на српско-хрватски) била напишана во тек на 4 непроспани недели, објаснувајќи ги нашите навики и ритуали низ очите на еден зоолоог, а не антрополог. Врамувајќи го однесувањето на човекот во контекст на еволуцијата, а не на културата, таа предизвика и контроверзи, поради наводното вулгаризирање на она што е „човечко“.
Но пристапот на Морис во третирањето на човекот како рамен на останатите животни, без романтизирање на истото, може да се толкува и со неговото искуство со двете светски војни, што го исполнило Дезмонд со омраза кон она што луѓето си го прават едни од други. Тој се повлекол во семеен имот крај езеро, внимателно набљудувајќи ги животните, рибите и водите.
На Универзитетот, иако студирал зоологија, одбивал да врши експерименти врз животните, нешто што до тогаш се сметало за вообичаено. Открил нов пристап - етологија - која вклучувала повеќе набљудување, како кога етнолозите набљудуваат луѓе и нивно однесување во заедници. Неговата докторска теза вклучувала години регистрирање на ангресивниот „танц“ при парење на еден вид риба, Pungitius pungitius. Иако претходно, како талентиран уметник, изложувал свои надреални слики рамо до рамо со големи сликари (на пример со Хоан Миро), сега тоа го правел со шимпанза - конкретно со еден по име Конго, кому му дал четка и ги анализирал неговите „естетски принципи“. Тврдел дека уметничкото изразување не е ексклузивно човечка карактеристика.
На една забава Морис го запознал издавачот Том Машлер и му дал идеја за книга која им го променила животот. Таа требало да објасни зошто луѓето се единствениот гол мајмун во светот, зошто човекот е горд поради тоа што има најголем мозок но го крие својот релативно голем пенис и зошто женските гради се биолошки дизајнирани колку за доење, толку и за привлекување партнери. „Голиот мајмун“ стана сензација, продавајќи се во 20 милиони копии, без оглед што го сведе човекот на неколку нагони - борба, храна, утеха и секс. Живеејќи крај Медитеранот во вила со 27 соби и пловејќи во лето со парите од книгата, тој напишал и следна, за говорот на телото, инспириран од медитеранските навики на изразување со гестови.
И покрај сите критики, Морис ќе биде запомнет како огромен популаризатор на науката - таков кој помогна човекот да се смести во природната шема на планетата Земја.