- Политичкиот трилер „Битка по битка“ на режисерот Пол Томас Андерсон беше најголемиот победник на доделувањето на Оскари 2026, освојувајќи вкупно шест награди, меѓу кои и Оскар за најдобар филм. Филмот, во кој главната улога ја игра Леонардо Ди Каприо, ја следи приказната за милитантни активисти во САД што се борат за правата на мигрантите. Пол Томас Андерсон за првпат во кариерата освои Оскар – и тоа за најдобар режисер, најдобро адаптирано сценарио и како копродуцент на филмот.
- Главниот фаворит по бројот на номинации, филмот „Грешници“ на режисерот Рајан Куглер, имаше рекордни 16 номинации и на крај освои четири Оскари. Мајкл Б. Џордан ја доби наградата за најдобар актер за двојната улога во „Грешници“, победувајќи ги номинираните Леонардо Ди Каприо и Тимоти Шаламе.
- Оскарот за најдобра актерка го освои ирската актерка Џеси Бакли за улогата во драмата „Хамнет“, каде ја игра сопругата на Вилијам Шекспир.
- Шон Пен го освои третиот Оскар во кариерата – за најдобра споредна машка улога, за ликот на корумпиран воен офицер во „Битка по битка“.
- За првпат во историјата на наградите, Оскарот за најдобра камера го освои жена – снимателката Отом Дуралд Аркапо за филмот „Грешници“.
- За првпат беше доделена и нова награда за најдобар кастинг, која ја доби Касандра Кулукундис за филмот „Битка по битка“.
- Во категоријата за најдобар краток филм имаше ретко изедначување, па наградата ја поделија филмовите „Пејачи“ и „Двајца луѓе разменуваат плунка“.
(фото: EpaImages)
- Проектот „Сликите на вкусот“ објавува отворен повик за млади уметници и фотографи на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Тој не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта е преку објективот да се документираат односите што се градат околу заедничката трпеза.
- Финалните трудови ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026, каде што македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот – соопшти Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија. Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“.
- Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата ќе се реализира во април и мај преку хибриден модел на осум работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн-менторство.
- Повикот е отворен до 10 април 2026. Заинтересираните може да аплицираат со фотосерија, есеј или со архивски материјали или со проектна идеја/концепт, кој допрва би го развивале. Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на photofestgrain@gmail.com.
- Во Музејот на современа уметност во Скопје, на 31.3 (вторник) со почеток во 20 часот, уметницата Тања Балаќ ќе го претстави својот нов проект „Телото што ја памти тишината“ – мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.
- Изложбата е конципирана како просторно и визуелно искуство составено од две целини: инсталација поставена во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку внимателно избрани и минималистички изразни средства – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент кој поттикнува продлабочена перцепција и внатрешна концентрација кај посетителите.
- Во центарот на проектот е концептот на телесна меморија, претставена како тивко и често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се изрази директно или наративно. Делото отвора простор за суптилни и интимни состојби, овозможувајќи нивно силно, но ненаметливо доживување.