Островската држава со еден од најгустите сообраќаи во Европа, презеде инвентивен чекор во борбата против хроничниот сообраќајен метеж. Владата започна програма наречена „Шема за откажување од возачка дозвола“, која им нуди на младите возачи до 25.000 евра за да се откажат од возење пет години.
Стимулацијата се исплаќа во пет еднакви годишни рати од 5.000 евра, при што првата рата легнува веднаш откако ќе се откаже возачката. Целта на оваа финансиска инјекција е да се поттикне промена на навиките, пред зависноста од автомобили подлабоко да се вкорени кај помладата популација.
Според првичните информации, интересот ги надминува очекувањата, што укажува дека за многу млади луѓе, финансиската независност е попривлечна од слободата што ја нуди сопствениот автомобил.
Влегувањето во шемата не е лесно и доаѓа со голем број строги услови. Право на аплицирање имаат само лица под 30 години кои се жители на Малта најмалку седум години и имаат возачка дозвола од категорија Б најмалку 12 месеци.
Секој чија возачка дозвола некогаш била одземена или суспендирана, како и оние чија работа бара поседување возачка дозвола, автоматски се дисквалификувани од шемата. Кандидатите не смеат да поседуваат возачка дозвола издадена надвор од Европската Унија.
Откако апликацијата ќе биде одобрена, учесникот потпишува договор според кој се обврзува да не управува со моторно возило пет години, не само во Малта, туку никаде во светот.
Колку сериозно владата ја сфаќа програмата покажуваат и казните.
Доколку полицијата го фати „откажаниот“ зад волан, му следува автоматска казна од 5.000 евра и ќе мора да ги врати сите пари добиени до тој момент.
Предвременото излегување од програмата е можно, но исто така финансиски болно. Во зависност од моментот на откажување, учесникот мора да го врати преостанатиот износ од стимулацијата и да плати дополнителни казни што можат да достигнат 20.000 евра.
Враќањето зад волан после пет години исто така не е автоматско. За да ја вратат дозволата, поранешните учесници мора повторно да аплицираат и да завршат најмалку 15 часа дополнителна обука во автошкола, за државата да биде сигурна дека не заборавиле да возат.
Наспроти оптимизмот, држат и критиките дека се работи за козметичко решение. Со годишен буџет од пет милиони евра, шемата може да прими максимум 200 учесници годишно.
Ова значи дека за пет години можат од патиштата да се остранат најмногу 1.000 автомобили. За контекст: возниот парк на Малта има надминато 457.000 возила.
200-те возила што се планира да се отстранат годишно се надоместуваат со нови регистрации за помалку од една недела.