Џонатан Карли, Британец и поранешен наставник по историја, без реално воено искуство, со години и до неодамна се појавувал во јавноста облечен во униформа на високорангиран офицер. Со униформата, украсена со медали и чинови, оставал впечаток дека е дел од елитните структури на британската морнарица. Неговото присуство на јавни настани, вклучително и комеморации како Денот на сеќавањето, било прифатено без многу сомнеж. Никој не се ни осмелувал да постави прашања.
Но токму оние што најдобро ја разбираат тежината на таквите симболи – ветераните – почнале да забележуваат недоследности. Нешто во приказната не се совпаѓало: детали во униформата, однесувањето, па и самата биографија. Она што започнало како сомнеж, постепено прераснало во истрага што на крај го разобличила „адмиралот“.
Се покажало дека тој никогаш не служел во морнарицата. Наместо тоа, бил поранешен наставник и тренер, кој од нејасни причини решил да ја „облече“ туѓата историја како сопствена. И сето тоа ќе му поминело, доколку 65-годишникот не се занел и малку претерал - се самопрогласил за адмирал, што е трет највисок чин во Кралската морнарица, носел необичен меч и редок медал, еден подолу по значење од Викторијанскиот крст. За таков човек колегите сигурно би знаеле.
Кога информацијата протекла на социјалните мрежи, неговата измама била протолкувана како злоупотреба на симболите што за многумина значат жртва и колективна меморија. Бил осуден на само 500 фунти казна за носење униформа, без одобрение, со ознаки на припадност на кралски вооружени сили. Казната била релативно мала во споредба со симболичката тежина на делото, за кое патем и се извинил. Но приказната отвора поголеми прашања: што значи авторитет во современиот свет? Колку лесно веруваме во знаци и ознаки? И дали униформата е доволна за да нè убеди дека некој е она што тврди дека е?
А можеби човекот едноставно бил желен за внимание, па сфатил дека точно со носење на такви ознаки на статус и ќе го добие истото. Не се знае многу за неговата семејна ситуација, но веројатно бил и осамен. Не барал пари или привилегии, само ете му значело да биде дел од некаква заедница, која на крајот и го разоткрила.