Како што Европа се подготвува да ги помести стрелките на часовникот еден час напред, повторно се активира рутината позната како летно сметање на времето. Оваа практика најчесто се применува во умерените климатски појаси, каде што разликата меѓу долгите летни и кратките зимски денови ја прави ваквата промена навидум корисна. Сепак, таа не е прифатена насекаде - голем дел од светот воопшто не ја користи, а и во земјите каде што постои, примената понекогаш е нерамномерна.
Идејата за поместување на времето датира од крајот на 19 век и нема врска со економија или политика туку со - инсекти! Во 1895 извесен Џорџ Вернон Хадсон, аматер ентомолог (проучувач на инсектите) од Нов Зеланд, предложил тоа да овозможи повеќе светлина навечер за активности на отворено. Со тоа несакајќи станал „виновниот“ за ваквата пракса која постои до денес. Стереотипното убедување е дека зад ова стои Бенџамин Френклин, но неговиот есеј под наслов „Економски проект“ објавен во Парискиот журнал во 1748 всушност бил сатиричен. Тој сугерирал парижаните да ги променат спијачките навики за да заштедат пари на свеќи и масло за светилки, со други зборови - порано да си легнуваат и исто така рано да стануваат за да ја искористат подобро сончевата светлина. Подоцна, идејата била официјално воведена сè до Првата светска војна, кога Германија прва ја вовела како мерка за заштеда на енергија. Наскоро, и други земји го следеле примерот.
Покрај културните и економските аспекти, оваа практика има и конкретни последици врз секојдневието. Поместувањето на часовникот во пролет значи помалку сон, што може да доведе до намалена концентрација, па дури и до зголемен ризик од сообраќајни несреќи. Истражувањата покажуваат дека луѓето често се чувствуваат поуморни и помалку продуктивни во деновите по промената.
Не е изненадувачки што летното сметање на времето е и предмет на политички дебати. Во САД и Европската Унија веќе со години се разгледува можноста за негово укинување или трајно задржување. Јавното мислење постепено се менува, при што сè повеќе луѓе се изјаснуваат против честите промени. И покрај тоа, за многумина ова останува дел од годишниот ритам - момент кога се губи еден час сон во пролет, но се добива малку повеќе светлина во денот.