Запознајте ја Снежана Радојичиќ - велосипедски номад

Српска авторка и патеписец која во 2011 година, на околу четириесетгодишна возраст, го напушта својот дотогашен стабилен живот и тргнува на патување околу светот – со велосипед. Во изминатите повеќе од тринаесет години таа има поминато низ повеќе од 50 земји на неколку континенти. На јутјуб можете да ја најдете под „Циклономад“.

Жена која никогаш не сакала патувања, денес практично живее на пат. Пред да тргне на својата необична авантура, имала стабилен и удобен живот: завршено образование по југословенска и светска книжевност, богата лична библиотека од околу 5.000 книги, стан, автомобил и сигурна работа во осигурителна компанија. Но околу четириесеттата година сфатила дека сето тоа не ја исполнува и дека не е животот што го посакувала. Затоа ги распродала работите, го дала станот под кирија и во јули 2011 година со велосипед тргнала на пат околу светот – чекор во неизвесност што ѝ го променил животот.

Така започнала долгата авантура на белграѓанката Снежана Радојичиќ (1967), која со текот на времето прераснала од патување во начин на живот. Таа поминала низ десетици земји на различни континенти - од Европа и Азија до Америка, стигнувајќи до Хималаите, Сибир, пустината Гоби, Амазонија и други далечни предели. Веќе одамна престанала да брои километри и држави, затоа што, како што вели, не станува збор за пат околу светот, туку за живот низ светот. Нема однапред утврдена рута или цел, туку се движи според чувство, останувајќи во секоја земја колку што ѝ дозволуваат условите.

Кога се навраќа на животот пред оваа одлука, таа гледа длабоко незадоволство, и покрај надворешниот комфор. Пресвртот дошол кога си признала дека се оддалечила од сопствените соништа – желбата за слободен живот и пишување. Тоа сознание го доживеала како силен потрес, но и како последна шанса да направи промена. 

Велосипедот бил природен избор, бидејќи и претходно сакала активности на отворено. Патувањето ѝ донело слобода и инспирација, но почетоците биле исклучително тешки. Имала минимален буџет, стара опрема и речиси никаква поддршка. Многумина не верувале дека ќе успее, а таа се соочувала со одбивања, финансиски проблеми и осаменост.

На патот имало бројни предизвици: физички напори во екстремни услови, проблеми со документи, финансиски тешкотии и лични кризи, како моментот кога останала сама по заминувањето на партнерот. Сепак, никогаш не размислувала да се откаже. Напротив, токму тие ситуации ја зајакнале и ѝ помогнале да научи како да се справува со стравовите. Со текот на времето, сфатила дека стравот е корисен само ако се контролира, а не ако нè спречува да живееме.

И покрај тешкотиите, преку своите патувања таа стекнала длабоко разбирање за луѓето и културите. Според неа, луѓето се насекаде добри, само различно го покажуваат тоа. Гостопримството го доживеала во различни форми – од отворени и топли гестови до тивки, ненаметливи добрини – и научила дека тие не треба да се споредуваат, туку да се прифаќаат.

Денес живее од пишување книги (ги има дури 11), држи презентации и мотивациски предавања. Ова е официјалниот сајт, а ова 40-минутна емисија во која го опишува својот животен пат:

3 април 2026 - 15:49