Некаде помеѓу палмините насади на долината Коачела и мексиканската граница, на сув и на прв поглед безначаен предел, се наоѓа Републиката Слоуџамастан – најмладата „држава“ во светот. Распространета на пустинско земјиште во величина на околу 7 фудбалски стадиони, таа изгледа како место покрај кое би поминале без да забележите ништо. Но ако застанете, влегувате во паралелна реалност: тука се забранети крокси (оние глупите пластични налани), масовни „риплај-ол“ мејлови, а брзото возење е дозволено - но само ако брзате дома затоа што сте гладни. Националното животно е ракунот.
Во центарот на оваа необична творба е Ренди Вилијамс, познат како „султанот на Слоуџамастан“. Во секојдневниот живот тој е радио-водител во Сан Диего, но во својата „држава“ ја игра улогата на владетел, со униформа, титули и доза театарска иронија. Идејата се родила за време на пандемијата, кога, спречен да патува и да ги посети сите држави во светот, решил да создаде своја.
Од една парцела земја купена за помалку од 20.000 долари, Слоуџамастан постепено почнал да добива облик: знаци покрај патот, импровизирана граница, знаме, па дури и пасоши и сопствена валута. Она што започнало како шега, се претворило во внимателно изграден перформанс на државност. Денес, оваа микродржава има повеќе од 25.000 „граѓани“ од над 120 земји – бројка што ги надминува дури и некои вистински држави.
Се разбира, учеството е доброволно и често симболично: може да станете „пратеник“ или „амбасадор“ со мала месечна претплата, а пасошот е повеќе сувенир отколку документ. Но зад хуморот се крие и нешто посериозно. За многумина, Слоуџамастан е простор за бегство, место без политички расправии, без поделби, без тежината на реалниот свет.
Во време на растечка фрустрација од политиката, особено во САД, оваа „држава“ функционира како алтернатива - како игра што овозможува дистанца. Таа покажува дека државноста не е само институционален факт, туку и културна претстава, симболичен систем што може да се симулира.
Види претходно: Сте слушнале за Република Кугелмугел?
Вестарктика - микронацијата создадена со иле