Сте слушнале за Република Кугелмугел?

„Округло брдо“, како што гласи буквалниот превод на името на оваа градба, е констриуирано од двајца уметници во 1971. Прогласена е за суверена територија кога локалните власти во населбата кадешто е изградена донеле закон дека вакви типови сферични објекти не се дозволени.

Едвин Липбургер и неговиот син Николаус во малиот австриски град Кацелсдорф изградиле објект со дијаметар од 7,68 м, од дрвени блокови покриени со слоеви цинк. Најпрвин зградата служела како атеље на таткото-сликар, но по некое време властите ги информирале Липбургерови дека ваквиот тип згради не се дозволени.

Во обид да си ја заштитат креацијата од рушење, тие си создале своја суверена територија, сосе самоделски улични ознаки кои ја опкружуваат топката. Подоцна, како што властите почнале да притискаат со тужби и целата работа ескалирала, Едвин се обидел да ја прогласи структурата за своја сопствена федерална држава, Република Кугелмугел. Отишол до таму што издавал сопствени поштенски марки и пари, а одбивал да плаќа даноци кон австриската држава. 

На крај Липбургер постариот завршил во затвор, во тек на 10 недели во 1979, за прекршок - поставување неодобрени улични знаци. Сепак, објектот опстанал и сега се наоѓа во склоп на виенскиот парк Пратер, каде служи како сала за изложби и културни настани. Оваа преселба се случила на почетокот на 1980-тите, кога самиот министер за култура на Австрија, Хелмут Зилк, предложил Кугелмугел да се префрли на денешната локација. Семејството се согласило бидејќи им бил ветен пристап до водовод, струја и канализација. Но ветувањата никогаш не биле исполнети, што довело до долготрајни препукувања со градот Виена.

Едвин Липбургер починал во 2015, но неговата „микронација“ постои и денес - брои околу 600 граѓани, кои доброволно се согласиле да бидат дел од овој „перформанс“ и чин на отпор. 

6 јуни 2024 - 21:14