- Шефовите на дипломатиите на 26 земји од светот во заедничко отворено писмо повикаа на итен крај на војната во Газа.
- „Заедно испраќаме едноставна и итна порака: Војната во Газа мора да запре веднаш. Страдањата на цивилите во Газа достигна нови длабочини. Израелскиот модел на доставување помош е опасен, подгрева нестабилност и им го одзема човечкото достоинство на луѓето од Газа. Го осудуваме доставувањето помош „на лажичка“ и нехуманото убиство на цивили, вклучувајќи и деца, што сакаат да ги задоволат своите најосновни потреби за вода и храна“, наведуваат министрите.
- Овие 26 земји изразуваат подготвеност за преземање акција за поддршка на итен прекин на огнот и „отворање политички пат за безбедност и мир на Израелците, Палестинците и целиот регион“.
- Писмото го потпишаа министрите за надворешни работи на Австралија, Австрија, Белгија, Канада, Данска Естонија, Финска, Франција, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Британија, плус еврокомесарот за кризен менаџмент.
- 85 Палестинци биле убиени во обид да добијат храна во Газа во неделата. Уште 150 биле ранети. Ова е најкрвавиот биланс на загинати покрај центри за дистрибуција на хуманитарна помош откако пред 21 месец почна израелската воена интервенција.
- 79 луѓе биле убиени близу граничниот премин Зиким, низ кој поминале 25 камиони со помош. Претставник на Обединетите нации изјави дека израелските трупи отвориле оган врз луѓето што настојувале да грабнат храна од конвојот.
- „Нè опколија тенкови и почнаа пукотници и експлозии. Нема да се вратам. Нека умреме од глад, подобро е“, изјавил Ехаб ал-Зеи, кој чекал да земе брашно.
- Израелските одбранбени сили потврдија дека војници пукале врз „илјадници Палестинци што претставувале закана“ и дека притоа имало жртви. Одговорноста ја префрлија врз „милитанти од Хамас што создале хаос“.
- Уште шест Палестинци биле убиени кај друг центар за дистрибуција на храна кај Рафа. Израел повторно нареди евакуација на централниот дел на Газа, каде што досега немаше копнени трупи и каде што беа концентрирани центрите за дистрибуција на храна и хуманитарна помош за Палестинците.
- Околу 100-на училишта се веќе затворени во 20 општини во Македонија.
- Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во интервју за РСЕ на прашањето колку училишта ќе бидат затворени со оптимизацијата и дали е направено анализа, во колку училишта има малку деца, дава совет до градоначалниците да ги пренаменат училиштата во старски дом или можеби во некакови клубови.
- Затворање на училишта е пресериозен аларм за самата држава и за креаторите на политиките, вели просветниот инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски. Според него, изјавата на министерката за затворање на училишта и нивна пренамена е избрзана.