- Добро е што премиерот нѐ поттикнува и нѐ охрабрува како медиуми да бидеме активни, да поставуваме прашања и да бараме одговори, ама проблемот е во тоа – што добиваме повратно.
- „Молк“ беше одговорот од Владата на прашањето на „Слободен печат“ уште во август лани, кои се надворешните советници на премиерот и колкав е хонорарот што го добиваат. Од Владата не се одважија да пратат каков било одговор, па ни тоа дека не можат да ни одговорат, небаре се работи за строго чувана државна тајна.
- Додека владините функционери, почнувајќи од премиерот, преку министрите, па понатаму се со полна уста „транспарентност“ за да се разликуваат од оние претходните кои, нели, „душмански го краделе народот“, на истиот народ не му кажуваат кого сè и колку плаќаат од парите на народот.
- Францускиот премиер Франсоа Бајру планира да ги укине национални празници, како една од низата мерки за намалување на владините трошоци. Предлага работни денови да бидат понделникот по Велигден и Денот на победата на 8 Мај.
- Кратењата вклучуваат отпуштања од јавната администрација, „солидерен придонес“ од најбогатите и укинување на даночните поволности за пензионерите.
- Целта е да се скратат 43,8 милијарди евра од буџетот. Долгот на Франција се зголемува по 5.000 евра секоја секунда. Дефицитот од 168,6 милијарди евра во 2024 година е 5,8% од БДП, над дозволената максимална граница од 3% според правилата на ЕУ.
- „Ова е последната станица пред работ, бидејќи сме здробени од долгот. Доцна е, но се уште има време“, изјави Бајру. Тој ги потсети Французите на искуството на Грција, која помина низ меѓународни спасувања и години на штедење за да се извлече од должничката криза.
- Опозициските десничари на Марин ле Пен најавија дека нема да ги поддржат буџетските кратења и побараа ново гласање за доверба на владата. Бајру како премиер досега преживеал осум гласања за доверба.
- Доналд Трамп побара од обвинителството на САД да ги објави сите кредибилни податоци за Џефри Епстин, по жестоките критики од јавноста, особено од неговите следбеници од МАГА, дека и новата администрација настојува да ги прикрие луѓето вмешани во синџирот на проституција со малолетнички.
- „Главната обвинителка Пем Бонди треба да обелодени сè што мисли дека е кредибилно (за владините истраги за Епстин). Таа добро го води случајот. Се што мисли дека е кредибилно, треба да го објави“, изјави Трамп.
- Бонди пред една недела изјави дека истрагата НЕ утврдила дека Епстин чувал список на клиенти на кои им местел малолетнички, а потоа ги уценувал за противуслуги. Но, во февруари Бонди тврдеше дека „го има списокот на својата работна маса“, што ги разгоре обвинувањата дека властите заштитуваат влијателни фигури.
- И спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон побара обвинителката да објави сè за Епстин, но и да ја објасни сопствената изјава дека списокот со клиенти веќе ѝ бил доставен.