Четбот растурил 30 математички генијалци

Јазичен модел со вештачка интелигенција на ОпенАИ ги оставил вџашени врвните математичари што тајно се состанале за да го тестираат. Без проблем ги решавал сите равенки и задачи што му ги составиле, дури и некои од најтешките проблеми во математиката. Генијалците договориле награда од по 7.500 долари за секоја задача која ботот нема да може да ја реши. Не се опариле многу.

Триесетмина врвни математичари од САД и од Европа еден викенд во мај тајно се собрале во Беркли, Калифорнија, за да испрашаат разумен јазичен модел со вештачка интелигенција. „Ученикот“ спроти нив бил o4-mini, обучен од ОпенАИ за сложени дедукции и способен самостојно да учи од податоците со кои е нахранет за да предвиди следен збор во низа.

На специјализираната организација Epoch AI, ѝ било доверено да го состави првичниот тест со 300 задачи, на кои не може да се пронајдат одговори по интернет. Распоредени биле во три нивоа на тежина – додипломски, постдипломаски и истражувачки. Други тестирани модели со ВИ успеале да решат помалку од 2% од задачите. О4-мини решил 20%.

Математичарите биле повикани во Беркли зашто биле меѓу ретките што можеле да смислат задачи од уште повисоко ниво. Во групи по шестмина за награда од по 7.500 долари се натпреварувале кој ќе смисли повеќе задачи што ботот нема да може да ги реши. 

Кен Оно, математичар од Универзитетот Вирџинија и главен судија на натпреварот, раскажува дека смислил проблем на ниво на докторат. Во првите две минути ботот се консултирал со достапната литература, а потоа побарал полесна верзија на задачата за да учи. Пет минути подоцна, преминал на потешкиот проблем, дал елегантно решение и дрско забележал: „Не е потребно цитирање на извори, зашто јас го пресметав конечниот број“.

Не бев подготвен да се натпреварувам со ваков магистер. Никогаш претходно не сум видел такво размислување кај моделите. Тој резонира како научник. Ова е застрашувачки, изјави Оно.

Моделот со ВИ не дал решенија на само десет задачи, но работел многу брзо - за само неколку минути решавал проблеми за кои на професионален математичар би му биле потребни недели или месеци.

Математичарите биле воодушевени од тоа колку далеку напредувала вештачката интелигенција во рок од една година. До крајот на состанокот дискутирале за неизбежното петто ниво прашања, кои ни најдобрите математичари не би можеле да ги решат. Ако тоа ѝ успее на  нова генерација ВИ, тоа би ја загрозило нивната професија и би ги префрлило на формулирање проблеми.

Во заблуда се тие што велат дека генералната вештачка интелигенција никогаш нема да дојде. Не сакам да ја разгорам хистеријата, но на некој начин овие големи јазични модели веќе ги надминуваат повеќето од нашите најдобри постдипломски студенти во светот, вели Оно.

15 јули 2025 - 15:14