Неодамна размислував за Робин Вилијамс. Неговиот менаџер, Лери Бреснер, ми кажа дека кога Робин бил запрашан од германски новинар зошто Германците имаат репутација на луѓе без смисла за хумор, Вилијамс одговорил "Затоа што ги убивте сите смешни луѓе."
Робин Вилијамс ми беше возбудлив затоа што изгледаше како да седи на гејзирот на комедијата. Како да не мораше внатре да работи на неа, туку само ќе ја отвореше славината и таа ќе почнеше да излегува од него во зовриени млазови. Тој беше врзан на изворот на комедијата.
И јас бев свесен дека овој дрдорлив и манијачен маж-дете кого го гледав на телевизија во главната соба на баба ми, со акционата фигура од Морк (би сакал уште да ја имам, доаѓаше во пластично јајце), се бори со ментална болест и со зависност. Хаотичната бистрина која шибаше како кабел за струја, која се подбиваше и блескаше со неморалност и ѓаволеста вчудовиденост, во основа беше обработено лудило. Рафинирање на енергија која лесно може да се претвори во деструктивност, исто колку и во креативност.
Тој со убаво зборуваше за неговата ментална болест и за зависноста, дека често се чувствувал како да е пред амбисот на самоуништувањето, дали преку користење супстанци или некој друг акт со многу поизвесна конечност. Мислев дека ваквото артикулирано признание се собира во еден вид вакцина против враќањето на такво болно размислување, што се покажа како безнадежно наивно.
Кога некој стигнува до 63 години, си замислував, се надевав, претпоставував, дека зрелоста ќе му даде некаков имунитет на адолесцентското сфаќање за самоубиството, но денес читам дека самоубиството не е само за младите. Робин Вилијамс на 63 се уште не можеше да се помири со тоа да биде Робин Вилијамс.
Сега не сум способен да гледам на состанокот со него со каков било вид на објективност, задолжен сум да дадам, со ретроспектива, некакво специјално значење на неговата фрагилност, кроткост и скромност. Скриена зад брадата и љубезноста и комплиментите беше некаква непријатност, како тој да е во некој погрешен контекст или елемент, падната птица на паркет.
Изгледа дека Робин Вилијамс не можеше да најде контекст. Дали тоа е користењето дрога? Обид да се анестезира реалноста која постојано лупа по вашите нерви, како болка од стара пломба, болка со ургентна порака, која е повистинита од тебе.
Дали е меланхолија да се мисли дека светот во кој Робин Вилијамс не може да живее сигурно е расипан. Да се врзе овој тажен настан со преклопувачката мизерија на нашето време? Ниту еден академик не би потпишал теорија во која немирот на нашата испукана и несреќна планета предизвикува природно смешните да си ги одземат своите животи, иако прочитав дека самоубиствата меѓу средовечните необјасниво почнале да се зголемуваат во 1999-та и од тогаш постојано растат. Дали се ова околностите на нашата ера?
Кутар Робин Вилијамс, кратко издржувајќи го тој самотен момент на морбидна сигурност во која не е важно колку бил смешен или кој го сакал или колку плачливи посмртници ќе бидат испишани. Сега се чувствувам лошо затоа што бев прекумерно и несоодветно надуен околу неколку негови филмови кои беа проценети како несофистицирани и сентиментални. Тој очигледно се справуваше со болка која е невозможно да се поднесе и која на крајот беше несовладлива, сентименталност која беше придружник на неговата детска брилијантност.
Ние некако прифаќаме дека цената за таа природна, брза, необјаснива комичарска генијалност е противтежата за самотничка мизерија. Дека има невидлива внатрешна економија која бара висока цена за зачудувачкиот талент. За мене генијалец е дефиниран од оваа нерационалност; како ние можеме така да зборуваме? Да глумиме така? Да ја шутнеме топката како него? Талент кој не беше делкан и учен, образуван и полиран туку експлодираше преку порталот, сиров и вулгарен. Секогаш немирен, секогаш на работ да направи нешто лошо, опасен и забавен, како дрога.
Робин Вилијамс можеше кого било во западниот свет да го потчукне на рамо и да му се пожали и тие ќе му речеа да не се грижи, дека е величествен, и дека тие го сакаат. Тој мора да го знаеше тоа. Тој мора да знаеше дека неговата сопруга и децата го сакаа, дека неговите другари мислеа дека тој е одличен, дека им е во срцата на милиони туѓинци низ светот, пресмешен незнајник на кој можеме да се потпреме за архаично да ја наруши сеприсутната тага во светот. Денес Робин Вилијамс е дел од тажниот наратив за кој ние нему му се обраќавме за да го наруши.
Каква тривијалност ние може да нафрлиме заедно со рамнодушноста, недоволни венци за мирот кој некогаш беше толку анимиран, тишина каде што некогаш беше смеа? Дека славата и признанијата не се никаква заштита од менталните болести и зависноста? Дека живееме во свет кој е станат толку небрежен за човечкиот живот што нашите најсјајни светла самите себеси се задушуваат? Дека мора да сме повеќе будни, посвесни, поблагодарни, повнимателни? Дека и покрај бескрајните црнила не можеме со конфликти и омраза да го извалкаме ова мало парче свест што го споделуваме во овој глобус?
Дека мора духовно и надворешно да ја побараме светлината која е во сите нас? Дека секаде околу нас луѓето страдаат зад маски помалку интересни од онаа што ја носеше Робин Вилијамс? Дали имаш време да пуштиш Фокс Њуз, за да ги зацементираш своите гневни ставови и да ја калцифицираш безусловната мизерија?
Она што јас може да го направам е да го гледам Г-ѓа Даутфаер. Или Друштвото на мртвите поети или Добриот Вил Хантинг, и може ќе бидам фин со луѓето, имајќи предвид колку сме кршливи сите ние, колку сме деликатни, дури и кога од нас претекува божествено лудило кое изгледа дека никогаш нема да се потроши.