Позната во нордиските населби во текот на раниот среден век, играта нефатафел се играла на дрвена плоча со обележани полиња, слично на шахот. Археолозите за неа сметаат дека има огромно симболичко и религиско значење.
Во изминатиот век и половина, ископувачите дошле до големи количества ваков „гејмерски“ материјал од локации на викиншки гробишта. Помеѓу 7-11 век, повеќето се состојат од делови направени од стакло, коска од кит или ќилибар. Формата на деловите варираат од едноставни дискови, до орнаментирани фигури кои се главно слични по форма и големина, освен едно поголемо парче кое го означува кралот.
Во текст објавен во Европското списание за археологија, археологот Марк Хол опишува содржина на 36 гробни места, кои ја содржат играта. Ова според него означува дека таа била битна во секојдневнието на живите, па оттаму со нејзино вклучување во опремата за оној свет се сакало да се обезбеди дека и играта, па оттаму и животот, ќе продолжат, макар и во друга димензија.
Во раните изданија на исландските саги било тешко да се разликува играта од верзија на шах, бидејќи таму таа се нарекувала „тафл“ - германски збор за табла. Затоа преведувачите постојано погрешно ја преведувале како шах. Со тоа е направен превид во превод на голем број сцени, како на пример во „Сагата за Фритхиоф“, преведена на англиски во 19 век, каде главниот херој ја користи како елаборирана метафора за воена стратегија.
Ова не значи дека викинзите не знаеле за шахот, само дека најверојатно двете игри се играле паралелно, со тоа што нефатафл спаѓала во таканаречените „игри на лов“ во кои требало да се гони и да се зароби фигура во центарот (игри кои на латински биле познати како ludus latrunculorum).
Важноста на присуството на играта во погребните ритуали се гледа по нејзината локација во близина на телото на починатиот - во скутот, односно на дофат до рацете. Можеби со ова се обезбедувало игрите да продолжат, но истовремено да продолжат и гозбите и сето она што го сочинувал славниот живот на воинот. Оваа друштвена игра, чии делови често биле правени од скапоцени материјали, не може да се најде во гробниците на сиромашните, а ни на жените, што сугерира врска помеѓу игрите и воената идеологија на мажите од елитата.