Кога се дизајнира филмски постер, вообичаеното правило е дека имињата на актерите и екипата треба да бидат барем 15% од големината на насловот на филмот. Во 2005, кога бил раководител на рекламната кампања за „Забава со Дик и Џејн“ со Џим Кери, Вилијам Лопер имал проблем со ова.
Правилото подразбирало дека ако тој сака да го зголеми насловот, тоа автоматски ќе значи и поголем останат текст. Но тогаш потпретседателот на Сони Пикчрс нашол „дупка во законот“. Она што се земало предвид била просечната висина на секоја буква во насловот. Тој земал само еден збор од насловот на филмот, FUN (забава) од „Забава со Дик и Џејн“ и го направил огромен и светло црвен. Тоа не ја променило многу просечната висина на целиот наслов, но сепак имало голем ефект.
Од 2003 до 2013, Лопер правел осум кампањи годишно, но секогаш кога станувало збор за рекламирање комедии користел два типографски трика: голем наслов, црвен наслов. И сето тоа на бела позадина. Такви биле постерите за „Лажго, лажго“, „Откачениот професор“, „Хич“ и многу други.
Но она што најмногу придонело за популарноста на овој концепт не биле фокус групите, туку - автобуските постојки. Некој продуцент со когошто Лопер постојано работел му велел дека ако вози по улица со 40 километри на час, среде дожд, сака од далеку да може да види постер кој ќе му го привлече вниманието. Црвеното е боја на семафорите и на класичните кармини, и секогаш е добар избор за привлекување внимание.
Со текот на годините големите црвени букви толку се врзаа за жанрот комедија што сега е тешко да се употребат за нешто друго без создавање забуна. Но има тука и малку магиско мислење, дека ако промотивниот изглед добро функционирал за филмот А, тоа ќе биде така и за филмот Б. Ова се разбира не мора ништо да значи - едно е добар постер, а друго е добар филм.
„Еден ден ќе има хит комедија која ќе користи различен стил бидејќи тимот презел ризик и тоа профункционирало. Тој стил потоа може да стане следниот најпопуларен, со оглед на тоа што луѓето од маркетингот ќе почнат да го копираат“, вел Лопер. А тоа изгледа и наскоро ќе се случи - со 0% на Ротен Томејтос, новата комедија „Нан“ не ветува сјајна иднина на концептот „големо и црвено“.