„Мајка" во различни јазици често е или мама, или има сличен назален звук, како нана. „Татко" е или папа, или содржи звук сличен на п, како бабо. Т-то може да биде и д, како во dad. Иако има варијации, ова е сепак многу поголема сличност отколку онаа меѓу различните зборови за „куче".
Во повеќето европски јазици, особено во романските и германските, ова не изненадува. Сите тие потекнуваат од еден ист прото-индоевропски корен, па оттаму француското maman и papa, италијанското mamma и babbo и норвешкото mamma и papa.
Дури и во јазици како велшкиот, кој е од истото древно семејство, но развил прилично дистинктивна лексика, на пример зборови како Llanfairpwllgwyngyllgogerychwyrndrobwllllantysiliogogogoch (име на гратче кое стана познато по вирално видео за временска прогноза), мајка и татко се викаат - mam и tad.
Добро, да речеме дека велшкиот е сепак европски јазик, па оттаму и оваа сличност. Но што е со оние кои се од сосема други семејства?
свахили - mama и baba
Филипини (тагалог) - nanay и tatay
Кина (мандарински) - mama и baba
Чечени на Кавказ - naana и daa
ескимски - anana и ataata
Oдговорот не е (толку) во истражувањето на потеклото на различните јазици, туку во нешто многу поуниверзално - начинот на кој бебињата почнуваат да зборуваат. Кога новороденчето прави случаен звук, најлесниот вокал е „а" затоа што може да го изговори без употреба на јазикот или устата. Следна лесна варијација е да ги споиш усните во мммм, што комбинирано со првичното „а" дава „ма", и така во интервали. Мама?
Бебињата кои „зборуваат" на овој начин всушност си играат. Но возрасните кои ги слушаат чувствуваат дека некој им се обраќа - мајката мисли дека ма-ма „значи" мама, и реагира секогаш кога детето ќе го изговори. Така кај него се создава условна реакција, па тоа од првичната игра создава асли повик, само затоа што така е сигурно дека мајка му навистина ќе дојде кога ќе ја повика. Татковците доаѓаат втори, кога детето почнува да игра со експлозивните звуци, со п-пкање, б-пкање, т-ткање или изговор на „д".
Лингвистот Џоана Николс забележала и нешто друго интересно во врска со овие звуци - дека во Европа и во голем дел од северна Азија личните заменки за „јас" и „ти" почнуваат со м или со т, како во француското moi и toi, шпанското me и ту, руското менја и тебја, сибирскиот јазик јукагхир кој користи met и tet. Taa го објаснува овој феномен со фактот дека „јас" се врзува со најблиското до мене, односно до јаството, а тоа е мајката, а „ти" со следното во хиерархијата на блискост - таткото (можеби тоа што јас не почнува на м во македонскиот ја покажува македонската еманципација од мајката?)
Се разбира ова се само теории кои не можат да ги објаснат сите сличности и разлики во човечките јазици, кои еволуирале (и се уште еволуираат) повеќе од 150,000 години. Но ако се сетиме дека и зборот за „цицачи" - мамали - има врска со мајчините гради (на латински - mamma), тогаш тој протојазик веќе има многу поголема смисла. Мама тогаш во превод значи само едно - дај да јадам!
Mузичка илустрација: Mamas and Papas