Зошто сакаме лута храна?

Еволутивните биолози сметаат дека човечката тенденција за јадење зачинето и луто е резултат на неопходност. Психолозите имаат малку поинакво толкување.

Лутите пиперки и другите видови зачинета храна (меѓу кои и јапонското васаби) имаат природни антибактериски својства кои помагаат во конзервирањето храна, особено во тропски клими каде таа може лесно да се расипе. Ова е објаснувањето за нашата склоност кон луто на еволутивните биолози. Дури и еволуцијата на чили пиперката, односно појавата на капсацинот, кој ја предизвикува лутоста, изгледа дека е поврзана со неговата способност да штити од фунги. 

Психолозите пак велат нешто друго - дека некои луѓе сакаат луто затоа што се авантуристи по природа. Психолозите Пол Розин и Дебора Шилер ова го заклучиле уште во 1980, врз основа на експеримент кој вклучувал - како во оние интервјуа кадешто познати личности јадат зачинети пилешки крилца - постепено зголемување на интензитетот на лутост. „Јадењето чили, возењето на тобогани, бањањето со многу топла вода и други човечки активности можат да бидат сметани за примери на потрага по авантура или уживање во ограничени ризици“, напишале тие. Неодамнешни студии го поврзуваат меракот за луто со карактерни особини како „трагање по возбуди“ и „чувствителност на награда“. 

Покрај овие биолошки и психолошки толкувања, антрополозите придонесуваат со свое разбирање на тоа зошто одредени групи повеќе сакаат зачинета храна, земајќи го предвид елементот на култура - општеството и неговите вредности.

Во некои делови на Мексико, на пример, преференцата за полута храна е поврзана со националниот и регионалниот идентитет. „Ние сме силни, затоа што не јадеме ништо друго освен пипер“, гласи изрека која ја споделува домородниот народ Микстек. Асоцијацијата помеѓу јадењето зачинета храна и одредени својства на личноста, како храброст или издржливост, може да биде начин на кој некои луѓе се издвојуваат од други групи, дури и од такви кои живеат во истата земја. 

Во Кина пак една изрека вели: „Оние од Сечуан не се плашат од лути чили пиперки; ниту еден степен на лутина нема да ги исплаши луѓето од Гизу; но оние од Хунан се ужаснати од храна која не е лута“. Лидерот на комунистичката револуција, Мао Цетунг бил роден во Хунан, па неговиот револуционерен дух се поврзува со способноста да издржи лута храна. Тој наводно изјавил: „Без пиперки немаше да има ни револуција“.

Зачинетоста на некои места се поврзува со родови идентитети. На пример во Јапонија од мажите традиционално се очекува да сакаат зачинета храна и алкохол а да одбиваат слатка храна. Овој став се има променето во 20 век, но слатките и денес се повеќе поврзувани со жените и децата. 

Секако, поврзувањето на одредени народи со преференци за одредена храна може да доведе до неточни генерализации и штетни стереотипи. Не сите Мексиканци сакаат зачинета храна, а и не сите Македонци би ставиле лута везенка во гравот (и притоа многу би згрешиле).

извор

23 август 2022 - 16:45