Пред повеќе години, италијанска издавачка куќа го ангажирала Умберто Еко да ја преведе „Грофот Монте Кристо“ од Александар Дима (таткото). Еко прифатил, фасциниран од идејата да работи на книга на чија структура и се восхитувал, но од чиј „вишок зборови“ се фрапирал. Тој вишок секако не се должел на тоа што Дима не знаел да пишува, туку на прости финансиски причини - добивал одредена надница по страница, па додавал зајре и таму каде не морало. На тоа се надоврзувала и потребата, вообичаена за сите романи во серија, читателите да се потсетат на претходни ликови и настани, и оттаму работите често да се повторуваат. Според проценките на Еко, кој се откажал од преводот по стотата страница, Дима ги „пумпал“ книгите за цели 25%.
Од овој, стилски и естетски аспект, книгата е далеку од ремек-дело. Но „Грофот Монте Кристо“ нема ни намера да биде уметност. Нејзините намери се митопоетски - таа цели да создаде мит. Всушност, голем број дела кои можеме да ги подведеме под оваа одредница се стилски „каша-попара“ - за да се трансформира едно дело во култно треба да е можно тоа да се распарчи, да се растури, и тоа на начин на кој ќе бидат запаметени само деловите, без оглед на нивната оригинална врска со целото. Во случај со книга, таа може да биде физички „распарчена“ со тоа што ќе се сведе на серија извадоци. Па така се случува една книга да изроди култен феномен дури и ако е ремек-дело, особено ако е сложено („Божествената комедија“ според Еко е еден таков пример).
Но според авторот ова полесно се прави со филм отколку со книга. Совршениот филм, останува врежан во сеќавањето како целина, во форма на идеја или на главна емоција; но само еден „каша-попара“ филм опстанува во неповрзана серија слики и визуелни кулминации. Овој вториов нема една централна идеја, туку ракува со голем број од нив. Тој не треба да разоткрива кохерентна „филозофија на композицијата“, туку живее во „брилијантна нестабилност“. Како пример за ова е наведен „Казабланка“ - секој пат кога Богарт вели „дете“ (kid) гледачите доживуваат емотивен „кик“, а најпознатите цитати од филмот се наведуваат без нивна врска со целината. Од аспект на формална кохерентност „Казабланка“ е многу скромен естетски производ - сцените во него се составени на необичен начин, ликовите се неуверливи, а начинот на кој глумат актерите е блед. Па сепак, тој е еден од култните филмови во светската кинематографија. Затоа што ги содржи сите архетипови, и затоа што човечките суштества во него не живеат „реални“ животи туку животи кои претходно стереотипно биле портретирани во други филмови.
„Две клишеа се за потсмев. Но стотина се влијателни - затоа што стануваме свесни дека тие си зборуваат едни со други и ја држат на куп целината“, вели Еко. Така баналноста всушност се претвора во божественост.
(извадок од „На рамениците на џиновите“ од Умберто Еко, ново издание на Харвард Јуниверзити прес)