Со доаѓањето на пролетта, по нешто што изгледа како долга зима (и покрај тоа што секоја година изгледа потопла), светот околу нас изгледа како повторно да се раѓа. Токму овие промени ја создаваат асоцијацијата дека и ние можеме да започнеме одново.
Но причините не се само визуелни - расцутени дрвја и раззеленета трева. Во текот на зимата, поради недостиг на сончева светлина, во телото се намалува нивото на серотонин - хормон кој влијае на расположението. Во исто време, се зголемува мелатонинот, што нè прави поспани и повлечени. Затоа многу луѓе во зима се чувствуваат помалку енергични и помалку мотивирани. Кога ќе дојде пролетта и деновите стануваат подолги, телото добива сигнал дека е време за активност, што често резултира со нова енергија и желба за промени.
Од еволутивна и историска перспектива, пролетта отсекогаш значела и опстанок. Во минатото, луѓето зависеле директно од природата, а зимата често значела немаштија. Пролетта носела нови извори на храна, топлина и живот, што ја правело период на надеж и обновување.
Ова значење се одразува и во бројни традиции ширум светот. Голем број култури, па и нашата, имаат богат репертоар обичаи кои ја слават пролетта како време на нов почеток - преку ритуали и симболични активности како чистење, обновување и поврзување со природата. Заедничката идеја зад сите нив е ослободување од старото и отворање кон новото, што е одразено и во различни јазици. Англиското „спринг“ означува некаков скок и динамичност, грчкото „аникси“ е буквално отворање, руското „весна“ е од старословенската божица на пролетта и обновувањето.
Денес, пролетта често се гледа како идеален период за воведување нови навики, средување на домот и подобрување на секојдневието. За разлика од новогодишните одлуки, кои често брзо се напуштаат, пролетната енергија нè поддржува природно да започнеме нешто ново и да „разлистаме“.