Зошто луѓето ги мразеле количките за пазарување кога се појавиле?

Појавата на количките за пазарување во раниот 20 век помогнала да започне ера на масовна потрошувачка, да се развијат супер-маркетите онакви какви што ги знаеме денес и да се прошири асортиманот на производи, без потрошувачите да се секираат како ќе ги однесат нештата до каса, а потоа до кола.

Една од стратегиите при влез во супер-маркет е да НЕ земеш количка, и пазарувајќи го само најнеопходното (она што можеш да го носиш во кошничка или во раце) да не дојдеш во искушение да земеш и нешто друго. Со самото постоење на ваква стратегија, макар и интуитивно е јасно дека постоењето на количка наспроти кошничка е можна стапица - лежерно полнејќи ја (па не залудно сме ја зеле, нема да зјае празна) го полниме големиот џеб на капитализмот, а го празниме својот.

Книга на Ендрју Ворнс, професор по американска литература на Универзитетот Лидз во Англија под наслов „Како количката за пазарување го објаснува глобалниот конзумеризам“ го тврди токму тоа - дека олеснетото движење од предмет до предмет го зголемил обемот на компулсивно купување. 

Оттаму, веројатно првите корисници на количките биле во право кога на нив гледале со јанѕа. „Мислев дека тоа ќе биде успех преку ноќ“, изјавил Силван Голдман, aмерикански бизнисмен и изумител на количката, во телевизиско интервју од 1977. Но на 4 јуни 1937 во супермаркетот од синџирот Хампти Дампти во Оклахома никој не посегнал по количката, чиј дизајн бил базиран на дрвено столче на расклопување. Жените изјавувале дека доволно им е што туркаат колички со бебиња и дека не им треба уште една. Мажите пак сметале дека туркањето количка ќе ги направи да изгледаат помалку мажествено. „Со моите големи раце можам да носам две кошници, не мислам да туркам вакво нешто“, велеле тие. 

Но нештата набргу се промениле. Со самото тоа што се појавувале сè повеќе продавници кадешто муштеријата самиот требало да си ги земе нештата од рафт, а не да му бидат подадени од зад тезга, морало да се изнајде начин тој да носи поголемо количество производи одеднаш - секако за повеќе и да потроши. За да ги инспирира муштериите и за да не им биде незгодно, лукавиот Голдман најмил луѓе да шетаат низ продавницата со количка и да глумат дека пазаруваат. Наскоро почнал да ги продава на поголемите маркети, а за да укаже на коректниот начин на нивната употреба правел и промотивни филмови. На почетокот на 1940-тите вградил и седиште за мало дете. 

Но најголемата промена се случила во 1946, кога извесна Орла Вотсон од Канзас Сити ја патентирала „телескопската количка“ која овозможувала складирање во редови со туркање на количките една во друга. Така тие заземале само една петина простор во споредба со оние на Голдман. 

Од тогаш до денес основниот дизајн на количките се нема променето. Тук и таму има такви во вид на автомобили или со појаси за децата, иако се уште се пријавуваат илјадници несреќи со колички кои вклучуваат деца. 

Понекогаш тие претставуваат еколошки проблем, бидејќи се крадат и по нивното искористување за одредена намена едноставно се оставаат каде и да е. Има дури и книга, „Заталканите колички во источна Северна Америка“, која е посветена на необичните места на кои тие завршуваат. Тие имаат станато и симбол на урбаната сиромаштија, бидејќи често се користат од бездомници за складирање и пренесување на нивниот скромен имот. 

 

1 јуни 2022 - 16:28