За некој кој долго време се занимавал со поговорки, споредувајќи ги нивните метафори и поуки и наоѓајќи неверојатни сличности во овој вид фолклор кај народи кои ни географски ни историски никогаш не дошле во допир, нешто како Твитер е само бледа сенка на мудриот и промислен исказ пренесуван со генерации. Еве неколку од нив, чии пораки, иако се од Гана, веднаш ќе можете да ги пресликате на домашен терен.
Некои од нив биле објавени на сајтот на Би-би-си, каде постои рубрика „Африканска поговорка на денот", во која читателите испраќаат поговорки од различни делови на овој континент. Но прочитани без објаснување на контекстот во којшто се употребуваат, тие се понекогаш нејасни. Затоа дописничката на NPR од западна Африка одлучила да консултира експерти - група наставници во локално училиште. Еве како тие ѝ ги објасниле поговорките на јазикот дагбани, кој се зборува во Гана.
„Денот кога непослушната коза ќе си ја скрши ногата, ќе си го најде патот до дома"
Колку и да му даваш совети на пријател кој се прави многу јак, дури кога тој човек ќе си настрада од своето однесување ќе си „дојде дома", односно ќе почне да те сфаќа сериозно. А може па „козата“ си самиот ти.
„Високиот посетител го следи нискиот селанец"
Колку и да е важен, „високиот“ гостин (претставник на меѓународната заедница?) треба да го почитува скромниот домаќин, затоа што овој знае како стојат работите во селото.
„Луѓето се плашат од изметот на озлогласениот човек, не од него самиот"
Она од што треба човек да се плаши не се лошите луѓе, туку она што тие го прават (оставаат зад себе гнасни дела).
„Дете со чисти раце може да ја меша давадава-та на постарите"
Давадава е хранлив и вкусен жолтеникав прав од рогач, од кој се прави каша. Одговорно дете чии раце се доволно чисти за да ја меша смесата е веќе зрело и мудро, до таму што може да ги советува и постарите.
„Оној што јава на коњ не знае дека земјата е жешка"
Богатите не можат да ги разберат маките на сиромашните.
„Магарето е лошо, затоа Бог не му дал рогови"
Магарињата се глупи и непредвидливи животни. Да имаа плус и рогови тие би можеле да предизвикаат сериозна штета. Истото важи и за некои лоши луѓе, кои се причина зошто Господ (уште) не ни дава поголеми способности од оние што веќе ги имаме - за да не се уништиме меѓу себе.
„Оној што направил нешто лошо си ги отвара ушите"
Човек кој си ја има „мувата на капата" прислушкува и следи што се зборува за него.
„Оној што го прави патот не забележува пукнатина во него"
Ова си го толкуваме одма како „оној што го пишува текстов последен ќе забележи коректорска грешка во него, па макар му бодела очи".
Победникот од овој список (без објаснување) сепак е -
„Мал слон не е зајак"
Стварно се подобри од твитови.