Зошто Јозеф Хајдн бил погребан без глава?

Славниот композитор умрел на 31 мај 1809, на 77 години. Моментот не бил погоден за достоен погреб, кој се случил дури десет години подоцна. Кога го отвориле сандакот за да ги преместат моштите, внатре нашле тело со мувлосана перика наместо глава.

Ако за некого можело да се каже дека бил музичка ѕвезда при крајот на 18 и почетокот на 19 век, тоа бил Хајдн. Го сакале од Виена до Лондон, а негов мецена и работодавач бил унгарскиот принц Естерхази, на чиј двор Хајдн бил „заглавен“ со години.

Оттаму и не е чудно што неговата смрт во 1809 предизвикала општа тага. Но луѓето во тој момент имале поголема мака - Австрија била во војна, а Виена окупирана од трупите на Наполеон. Оттаму, погребот на композиторот бил организиран набрзина во Гумпендорф, населба близу Виена, со ветување од принцот Естерхази дека кога работите ќе слегнат ќе му организира достојно испраќање.

Непосредно по погребот во приказната се вмешува Џозеф Карл Розенбаум, финансиски секретар на семејството Естерхази, кој бил близок со Хајдн. Композиторот дури интервенирал во една прилика кај својот работодавач, за овој да му даде благослов на Розенбаум да се ожени со својата голема љубов, сопранот Тереза Гасман. Но принцот одбил, а неговиот секретар никогаш не му го заборавил тоа.

Во мешавина на желба за одмазда, но и како резултат на големиот интерес за френологијата, денес дискредитирано научно движење кое се обидувало да ги поврзе менталните способности со обликот на черепот, Розенбаум организира неверојатен потфат. Најмува гробари, го отвара ковчегот на Хајдн, гледа како го обезглавуваат телото кое веќе почнало да се дуе и распаѓа, и со кочија ја носи главата во болница за дисекција. Веќе е 4 јуни, жешко е, и Розенбаум повраќа во кочијата од мирисот и од стресот. Но не се откажува.

Како успеал да дојде со пресечена глава во главната виенска болница а никој да не се зачуди чија е и како дошол до неа, тоа не е баш јасно. Но крадењето черепи и цели тела во тој период не било невообичаено, со оглед на спомнатиот тренд за анатомски и френолошки истражувања. Се знаело дека и докторите знаат да подмитат гробари или да откупат мртви тела, само за да имаат што да сецираат.

Черепот на Хајдн бил соодветно истретиран, исчистен и конзервиран. Наскоро тој се нашол во збирката на Розенбаум, поставен ни помалку ни повеќе туку во неговата дневна соба, во стаклена витрина на која пишувало дека тој му припаѓа на композиторот.

Поминало доста време, и принцот Естерхази како да заборавил на својот некогаш омилен композитор. Но гостин на неговиот двор - благородник од Кембриџ - при здравица потсетил на големиот Хајдн и добрината што му ја направил Естерхази земајќи го под своја закрила. Овој се сетил на своето ветување и веднаш организирал откопување на остатоците за тие да бидат пренесени Ајзенштад, седиштето на унгарското благородничко семејство, каде Хајдн живеел како хофкапелмајстер.

Но кога сандакот бил отворен, принцот се ужаснал од глетката. Таму навистина лежело телото на Хајдн, но на него немало глава! По спроведената истрага, Розенбаум и неговиот пријател, Јохан Непомук Петер, гувернер на провинциски затвор, станале главните осомничени.

При претрес на куќата на Розенбаум черепот за кој многумина веќе знаеле, бидејќи бил долго време изложен како трофеј, никаде го немало. Тој бил добро скриен на место каде што полицијата не смеела да претресува - под жената на Розенбаум, во сламен душек врз кого таа лежела, преправајќи се дека има менструални болки. По некое време, под притисок на властите, Розенбаум го предал черепот, но тој бил лажен, само личел на на таков што би му припаѓал на некој 80-годишник.

По смртта на Розенбаум во 1829 оној вистинскиот сменил повеќе сопственици. На крај тој завршува во познатото Здружение на пријателите на музиката од Виена, или Музикферајн. Еден од неговите раководители почнал акција за враќање на черепот во новата гробница која во меѓувреме била изградена во Ајзенштад, и негово „спојување“ со телото на Хајдн. Ова се случило дури во 1954, во сјајна церемонија на која присуствувал австрискиот врв и голем број видни личности, кои биле сведоци на заокружување на процес кој траел цели 145 години. Сепак, првиот череп не бил изваден од гробницата, па така таа сега содржи два. Целиот настан кој се одржал на 7 јуни 1954 бил детално покриен со репортажа објавена во списанието „Лајф“ од 28 јуни 1954. Черепот во ковчегот го спуштил Густинус Амбрози, австриски скулптор и поет.

Целата приказна со убави музички илустрации е раскажана на подкастот на Classic FM - Case Notes

Види претходно: Кога Хајдн сакаше да си оди од Унгарија

23 мај 2020 - 09:59