Допирот е фундаментален јазик на поврзување - од моментот на раѓање, преку пријателствата и романтичните врски, тој е канал преку кој комуницираме, дури и кога со некои луѓе го одбегнуваме.
Голем дел до нашите мозоци се посветени на толкување на допири, а на кожата имаме милијарда клетки кои ги процесираат информациите на оваа тема. Вистинскиот пријателски допир го намалува стресот и активира хормони кои го зголемуваат имунитетот и помагаат за подобар сон.
Во студија од 2014 на тим од Универзитетот Карнеги Мелон било покажано дека гушкањето е специфичен вид допир кој помага во заштита на организмот од вируси кои предизвикуваат настинка и респираторни инфекции. 404 здрави возрасни пополниле прашалници и минале низ интервјуа преку кои било проценето колку социјална поддршка имаат од семејството и пријателите и колку пати се гушкаат со нив во тек на 14 дена. Потоа истражувачите намерно ги изложиле сите учесници на вирус на настинка. Генерално, резултатите покажале дека оние кои изјавиле дека имаат поголема социјална поддршка, односно фрекфенција на гушкања, помалку се разболувале.
Во нова студија на белгиски истражувачи која излезе непосредно пред пандемијата, се споредени реакции на мозоци на социјална интеракција која вклучува и која не вклучува допири. Се покажало дека дури и кратко ракување може потенцијално да искомуницира значајни психолошки сигнали, вклучително и искреност и ниво на самодоверба. Ова значи дека без неопходниот тактилен момент остануваме со празнина во нашето знаење за состојбата на другиот, која не може секогаш да се пренесе со зборови.
Сепак, од аспект на виртуелните допири, можно е дури и симулираните допири да ги активираат истите нервни патишта како и физичкиот допир. Кога гледаме други луѓе како се допират, тоа кај нас предизвикува неврални реакции во соматосензорниот кортекст, дел од мозокот кој регистрира допир на нашето сопствено тело. Токму од тука произлегува од тивката вознемиреност која деновиве ја чувствуваме кога на екран (во филмови, реклами, снимки) гледаме преполни стадиони, луѓе што се преблиску едни до други или луѓе што имаат некаков физички контакт - реагираме како тие да се блиску до нас и како да можат да не’ загрозат.
Користејќи податоци од 37 учесници на возраст од 19-38 години спомнатите истражувачи ја анализирале реакцијата на мозокот на видео клипови кои прикажуваат допирање помеѓу луѓе, или допирање на предмети. Првите вклучувале гушкања, ракувања, допирање со лакт или тапкање по рамо. Во вторите клипови учесниците ги гледале истите типови движења, но изведени со предмети а не со луѓе. Според резултатите, во текот на опсервацијата на допирите се појавувале големи разлики во фунционалната структура на мозокот, во зависност од тоа дали станувало збор за однос човек-човек или човек-предмет, при што во првиот случај промените биле многу понагласени.
Сето ова покажува дека виртуелните гушкања и гестови од сличен тип можат барем делумно и привремено да утешат. Значи, дланки на мониторот и „да пукне“!
Види претходно: Дали и вие не можете веќе да гледате филм без да мислите на социјално дистанцирање?