Некои земји воведуваат целосна забрана на движење во одреден дел од денот. Други (како Германија) од неодамна не забрануваат движење, туку само контакт во јавност. Трети, како нас, на моменти не знаат што прават (види тука). Но без оглед на варијантите, едно е сигурно - социјалното дистанцирање полека ни се всадува во потсвеста. До толку што некои од нас веќе не можат да гледаат ни филм ни серија, а да не помислат колку луѓето на екранот се блиску кога вечераат на иста маса, се гушкаат, играат по дискотеки или (скраја било) имаат секс.
Најморничавите сцени притоа се оние кои претходно не би ги ни забележале. Еден таков пример дава коментатор на Слејт, опишувајќи ја сцената на првиот голем настап на ликот на Лејди Гага на концерт во „Ѕвездата е родена“. Таа притоа ги прави следниве работи: си го покрива целото лице од срам, дише на еден сантиметар од микрофонот, оди до другиот микрофон, го држи во раце, си ги притиска рацете над устата, а потоа му пее директно во фаца на Бредли Купер.
И ова е само еден од куп примери. „Двајцата папи“ во принцип не би требало воопшто да се среќаваат затоа што се во најранливата група. „Џокер“ следи човек кој често настапува во сомнителни клубови, а потоа се враќа дома, кај својата возрасна мајка. Оргијата во „Очи ширум затворени“? Добро, таму бар сите носат маски.
Просто е неверојатно колку бргу нашите мозоци се „преповрзуваат“ поради страв од опасност. Вирусот ни ги разместува вообичаените означувачи, правејќи од сосема спокојни сцени такви кои ни делуваат тензично. Хоророт „Мидсомар“ е сам по себе страшен, но таму луѓето се барем надвор поголемиот дел од времето. Сепак, иако пагани со оружја се застрашувачки, преполна сала луѓе на некаква журка („Големиот Гетсби“, горе) е просто ужасна.
Сепак, има и филмови кои и сега може да се гледаат раат. „Сè е загубено“ со Роберт Редфорд каде што тој е сосема сам на брод. „Гравитација“ во кој Сандра Булок и Џорџ Клуни се сами во вселената, безбедни во тоа дебелите скафандери. И оној со Том Хенкс (за кого слушнавме дека веќе се чувствува подобро после вирусот), кога е сам на остров барем додека не дојде време да се врати дома.